Изјавата на Дендиас за почитувањето на договорот, доаѓа во период кога во дел од општините на конститутивните седници на новите Совети каде победи ВМРО-ДПМНЕ, во свечените изјави стои старото име на државата, а не новото уставно име
Договорите мора да се почитуваат, без разлика на владите, а ние очекуваме целосно, доследно и со добра волја спроведување на Договорот од Преспа, порача министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас по средбата во Атина со шефот на српската дипломатија Никола Селаковиќ, јави дописничката на МИА од Атина.
„Истакнав дека ние го поддржуваме пристапниот процес на Северна Македонија и Албанија и ќе продолжиме со нашите напори за што поскоро свикување на првата меѓувладина конференција. Секако, во однос на Северна Македонија, го додадов она што го истакна грчкиот премиер Киријакос Мицотакис – pacta sunt servanda. Договорите мора да се почитуваат без разлика на владите. А ние очекуваме целосно, доследно и со добра волја спроведување на Договорот од Преспа“,
рече Дендиас.
Говорејќи за регионот, шефот на грчката дипломатија истакна дека го повторил „цврстото противење на Грција за центрифугалните сили кои можеби ќе сакаат да ја прекројат картата на нашиот регион“.
„Тука морам да бидам искрен, директно го покренав влијанието на надворешните фактори кои со мантии како развојна помош и наводно историски, културни, религиозни традиции промовираат радикални идеологии и дестабилизирачка агенда на Балканот. Интеграција на Западен Балкан во европското семејство. Според нас овој е единствениот пат пред нив“,
рече грчкиот министер за надворешни работи.
Изјавата на Дендиас за почитувањето на договорот, доаѓа во период кога во дел од општините на конститутивните седници на новите Совети каде победи ВМРО-ДПМНЕ, во свечените изјави стои старото име на државата, а не новото уставно име. Таков беше случајот во Штип каде на седницата присуствуваа 13 советници од ВМРО-ДПМНЕ и еден од Левица, додека деветмината од СДСМ ја напуштија салата поради непочитување на Уставот.
Освен таму, вчера Левица на својата Фејсбук-страница објави дека и во Аеродром нејзините советници потпишале свечени изјави на кои стои името Република Македонија, наместо уставното име.