Претседателскиот кандидат на „Европскиот фронт“ вели дека ВМРО-ДПМНЕ користи албанофобија во политички цели со изјавите дека ДУИ треба да оди во опозиција и оти таа партија (ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) не разбира дека токму ДУИ е причината што албанскиот народ е интегриран во институциите и што унитарноста на Македонија е зајакната
Нашата земја во моментот се наоѓа на крстопат и изборите не се само обични избори, туку битка помеѓу два концепта, изјави кандидатот на „Европски фронт“ за шеф на државата, Бујар Османи, во гостувањето во „360 степени“ на МРТ 1. Според него, едниот концепт нуди интеграција, соживот, хармонија, прогрес и економски просперитет, а другиот – изолација, етнички тензии, конфликтност и враќање назад. Тој додава дека, за жал, на претстојните избори има една понуда која е национал-шовинистичка и која бара 61 пратеник за да ги исклучи другите од одлучувањето и затоа секое неподдржување на европскиот пат ќе значи враќање кон изолација и конфликтност.
„Ние макотрпно успеавме да постигнеме еден вид на консензуална демократија и заедничко одлучување со цел сите заедници да се чувствуваат пријатно во својот дом, да бидат лојални граѓани и нивниот глас да се слуша, зашто мора да создадеме држава и општество во кое никој нема да се чувствува исклучен“,
вели Османи.

Тој смета дека носењето на уставните измени е единствениот чекор за продолжување на евроинтеграцискиот пат на земјава, а во однос на тоа кога треба да се донесат, Османи смета дека тоа треба да се случи веднаш по изборите.
„Видете, претседателот треба да го имаме некаде на 12 мај, да даде заклетва. Затоа велам дека тоа што треба да се направи на 13 мај е да се најде една локација во која ќе се затвориме и нема да излеземе додека не си подадеме рака. Инаку, ќе немаме спас од овие циклуси на перманентни консекутивни политички кризи. Не можат веќе граѓаните да дозволат некој да им ја киднапира иднината поради политички авантури, зар малку ни беа 20 години“,
рече Османи.
Во однос на тврдењата на првенци на ВМРО-ДПМНЕ дека земјата е заглавена во процесот на интеграции поради високото ниво на криминал и корупција и дека доколку тргне во решителна борба против овие појави, за шест до девет месеци пристисокот ќе се префрли на Бугарија, а Македонија ќе ги продолжи пристапни преговори, Османи одговори дека борбата против корупција зависи токму од интегративниот процес и оторањето на поглавјата 23 и 24, а не обратно.
„Зар мислите дека граѓаните не се сеќаваат на сè што се случило во овие 30 години и континуираните ветувања и разочарувања после избори. За жал, очекував дека после 30 години македонската опозиција ќе созрее и ќе сфати дека без меѓуетничка хармонија и без добрососедски односи и без јасни евроатлантски интегративни процеси не може да има стабилност, предвидливост, економски прогрес и благосостојба на граѓаните. Тоа се основни параметри кои мора да ги знае секој човек, независно дали е политичар или не“,
кажа Османи.

Претседателскиот кандидат на „Европскиот фронт“ вели дека ВМРО-ДПМНЕ користи албанофобија во политички цели со изјавите дека ДУИ треба да оди во опозиција и смета дека таа партија не разбира дека токму ДУИ била причината што албанскиот народ е интегриран во институциите и причина што унитарноста на Македонија е зајакната.
„Тоа е еуфемизам (изјавите на ВМРО-ДПМНЕ дека немаат проблем со Албанците туку со ДУИ, н.з.), затоа што знам дека тие присуствувале на таа средба на политичко-олигархиски центри на која разговарале дека Албанците премногу навлегле во политичките динамики, сега навлегуваат и во економските динамики и мора да ставиме крај, а за да ставиме крај, треба да го рушиме ДУИ, а за да го рушиме ДУИ, треба да го симнеме митот од Ахмети. Ова се речениците кои сами ги спомнувале, вклучително и еден од лидерите на таа партија на тие состаноци“,
рече Османи.