Денеска знамињата на Република Северна Македонија ќе бидат истакнати на половина копје во нашата држава и пред дипломатско-конзуларните претставништва во странство
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги повика радиодифузерите денеска соодветно да ја приспособат програмата и да емитуваат содржини што по својата медиумска функција одговараат на ден на жалост

Денеска е ден на национална жалост за жртвите од катастрофалниот земјотрес кој пред една недела ги погоди Турција и Сирија. Националното знаме на земјава денеска ќе се вее на половина копје. Ваквата одлука беше донесена на вчерашната владина седница како израз на солидарност и спомен кон загинатите во земјотресот, чиј број, според последниот биланс, се искачи на над 34 000.
„За време на денот на жалост, знамето на Република Северна Македонија ќе биде истакнато на половина копје, во нашата држава и пред дипломатско-конзуларните претставништва во странство. Владата на Република Северна Македонија изразува длабоко сочувство за загубите, до целиот турски народ и до блиските на настраданите во земјотресот во Турција и во Сирија“,
пишува во владиното соопштение.
Премиерот Димитар Ковачевски, во објава на Фејсбук, порача дека како држава и народ ќе продолжиме да бидеме солидарни и да им помагаме на оние што загубиле сѐ.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) ги повика радиодифузерите денеска соодветно да ја приспособат програмата и да емитуваат содржини што по својата медиумска функција одговараат на ден на жалост, кој го прогласи Владата за жртвите од земјотресите во Турција и Сирија.
„Забавните шоу програми, хумористичните емисии или играна програма од жанрот комедија кои биле планирани да се емитуваат денес, да се распределат за други денови во седмицата, а музиката да биде од соодветни музички жанрови. Доколку тоа го дозволуваат веќе склучените договори, препорачливо е да не се емитува рекламирање“,
соопштија од ААВМУ.
Минатата недела, на денот кога Турција и Сирија беа погодени од земјотресот, Владата на вонредна седница одлучи во Турција да испрати спасувачки тим од 40 припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, 22 припадници на Армијата и две кучиња трагачи кои ќе помагаат во санирањето на последиците од земјотресот.
Дополнително, Владата донесе одлука во Турција да биде испратен и хуманитарен пакет од 10 000 ќебиња и 200 санитетски носила за прва помош.
Два дена подоцна, на предлог на Министерството за одбрана, беше донесена одлука за испраќање нови 36 припадници на Армијата на Република Северна Македонија, односно на Баталјонот за специјални операции, кои ќе учествуваат во хуманитарната операција во Турција.
Покрај тоа, на владината седница е одлучено како помош за санирање на последиците од земјотресот да бидат испратени нови 32 лица од Дирекцијата за заштита и спасување – припадници на републичките сили за заштита и спасување.