Човекот кој беше причина зошто многу Албанци беа осудени, прогонети и онеправдани. Човекот кој ДУИ го напаѓаше дека е причина за незачленувањето на Северна Македонија во НАТО и ЕУ, е тој човек е очигледно замислената патека за спас на ДУИ, велат од Демократско движење

Партијата Демократско движење на Изет Меџити денеска на прес-конференција излезе со обвинувања упатени до поранешната партија на Меџити – Демократската унија за интеграција (ДУИ). Од новоформираниот политички субјект велат дека ДУИ сака да го врати поранешниот премиер, а сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски, за да обезбеди неказнивост за неколку луѓе од партијата.
„ДУИ знае дека ќе ги изгуби изборите. ДУИ знае дека ќе оди во опозиција. Последниот спас го бара во стариот другар и соработник“,
рече Фари Исени од Демократско движење.
Од Демократското движење велат „ДУИ го прогласи Никола Груевски за национално богатство на Албанците, а всушност е сламка за спас на неколку луѓе од ДУИ“.
„Оние што го штитеа, му овозможија да избега, му го чуваа имотот, е тие се надеваат на иста услуга назад од Груевски кон нив. Човекот кој беше причина зошто Северна Македонија беше изолирана десетина години. Човекот кој беше причина зошто многу Албанци беа осудени, прогонети и онеправдани. Човекот кој ДУИ го напаѓаше дека е причина за незачленувањето на Северна Македонија во НАТО и ЕУ, е тој човек е очигледно замислената патека за спас на ДУИ“,
додаде Исени.
Според него, ДУИ не го бара спасот во надежта дека Груевски може да обезбеди пратеници да гласаат за промена на Уставот, туку во, како што рече, повторување на истите епизоди.
„Неказнивоста за Груевски да биде и да важи како неказнивост и за криминалите на неколку луѓе од ДУИ. ДУИ знае дека ќе оди во опозиција, а од таму го сака Груевски на власт. Тој им е должен. Така мислат дека Албанците ќе треба да им ги заборават сите штети, сите корупции, сите избркани деца од државата“,
додаде Исени.
Измените во Кривичниот закон, како што велат од Демократско движење, беа почеток за сега да продолжат со иницијатива пред Врховниот суд со која се бара враќање на аболициите на Ѓорге Иванов.
„Медиумите известуваат дека лично Артан Груби е замешан во лобирање и притисоци да се вратат во живот помилувањата. Ние остро го осудуваме ова однесување на власта. Ние сакаме да има правда. Тие сакаат да има пазар и тргување со правдата. Денес за Груевски, утре за нив самите. Ние сме против, но и сите Албанци се против оваа политика на ДУИ. Казната ќе дојде многу наскоро. Ги повикуваме судиите од Врховниот суд да не подлегнат на оваа измама и на овој притисок од ДУИ“,
додаваат од Демократско движење.
Реакциите на Демократско движење доаѓаат откако шефот на дипломатијата Бујар Османи во телевизиско интервју рече дека е подобро поранешниот премиер и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, да биде во Северна Македонија и да се соочи со правдата отколку да се наоѓа во друга држава.
Оваа изјава на Османи наиде на коментари од Демократско движење и во саботата. Меџити за весникот „Лајм“ вели дека изјавата на Османи е потврда на нивните тврдења дека високи функционери на ДУИ имале комуникација со Груевски во Будимпешта и дека работат на негово враќање во земјава.
Во тој контекст, тој јавно праша: „Дали Бујар Османи и другите се подготвуваат да го вратат Никола Груевски во Скопје на 23 октомври на денот на ВМРО?“
