Од партијата обвинија дека министерот за правда донел Упатство за водење на матичните евиденции во кое, покрај податоците кои се утврдени со Законот за матични евиденции, Лога вовел графа во која се искажува и националната, односно етничката припадност
Демократски сојуз (ДС) на Павле Трајанов бара одговорност и разрешување на министерот за правда Кренар Лога поради, како што велат оттаму, злоупотреба на службената положба. Од партијата обвинија дека Лога донел Упатство за водење на матичните евиденции во кое, покрај податоците кои се утврдени со Законот за матични евиденции, министерот вовел графа во која се искажува и националната, односно етничката припадност.

Националната и етничката припадност на една личност, велат од ДС, е неприкосновено човеково право кое не може да се изјавува во официјален документ без промена на Законот и без поддршка од граѓаните.
Партијата побара од Владата итно да го повлече ваквото, како што велат, незаконито Упатство, велејќи дека она што го направил министерот за правда Кренар Лога е преседан.
„Злоупотребите со балансерот при вработување треба да се спречат со укинување на овој неефикасен и дискриминирачки механизам, а не да се користат како изговор за менување на матичните евиденции без законска основа“,
се наведува во писменото соопштение на Демократскиот сојуз.
Оттаму додаваат оти националната и етничка припадност никаде во светот, вклучително и во земјите членки на Европската Унија, не се впишува во изводите за матична евиденција, ниту, пак, во документите за идентификација.
