Традиционално, оној што ќе ја добие Ајова има шанси да победи во трката за кандидатурата
Просечните резултати од најновите анкети во Ајова, каде што идната недела се одржуваат првите избори за претседателски кандидат од Демократската партија, покажуваат предност за независниот сенатор од Вермонт, Берни Сандерс, додека на национално ниво прв е поранешниот потпретседател Џо Бајден, јави Ем-ес-ен-би-си.
Традиционално, оној претседателски кандидат што ќе ја добие Ајова, каде што изборите се закажани за 3 февруари, има шанси да победи во трката.

Според просечните резултати од четири најнови анкети, Сандерс во Ајова води со 25 отсто, Бајден е на второ место со 22 отсто, додека поранешниот градоначалник на Саут Бент, Пит Бутиџич, има рејтинг од 17 отсто. Четврта со 14 отсто популарност е сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворен.
Во Њу Хемпшир, втората сојузна држава, каде што на 11 февруари се одржуваат демократските избори, според анкета на „Ен-би-си њуз“, Сандерс води со 22 отсто популарност, по него е Бутиџич со 17 отсто, додекас на трето и четврто место се Бајден (15 отсто) и Ворен (13).
Сепак, на национално ниво просечните резултати од анкети покажуваат поинаков однос на силите.
На ниво на САД, на прво место е поранешниот потпретседател Бајден кој води со 29 отсто, зад него е Сандерс со рејтинг од 23 отсто, додека на трето место е Воренсо 15 отсто. Зад неа е Мајкл Блумберг, поранешен градоначалник на Њујорк, чија популарност на национално ниво е 8 отсто.