Во центарот на вниманието е победата на Зохран Мамдани на изборите за градоначалник на Њујорк, ништо помалку важни не се резултатите од изборните трки за гувернер во Вирџинија и во Њу Џерси, каде демократите победија со убедлива разлика
Овие три изборни исходи се сметаат за барометар за тоа како Американците реагираат на бурните девет месеци од вториот претседателски мандат на Трамп, а исто така се лакмус за кампањите на демократите во очи среднорочните избори за Претставничкиот дом, следната 2026 година
Изборите што вчера се одржаа во неколку американски сојузни држави, први големи откако Доналд Трамп го доби вториот претседателски мандат, ги одбележаа серија победи на демократите.

Пренесувајќи ги прелиминарните резултати од пребројувањето на гласовите, светските медиуми анализираат дека изборните триумфи на демократите ќе ѝ дадат на партијата, што е во криза, шанса да добие моментум додека се подготвува за среднорочните избори за Конгресот следната година.
Во центарот на вниманието е победата на Зохран Мамдани на изборите за градоначалник на Њујорк, ништо помалку важни не се резултатите од изборните трки за гувернер во Вирџинија и во Њу Џерси, каде демократите победија со убедлива разлика.
Кои се новите гувернерки на Вирџинија и на Њу Џерси
Нови гувернерки во Вирџинија и Њу Џерси се Абигејл Спанбергер и Мики Шерил од редовите на демократите.
„Испративме порака до светот дека Вирџинија го избра прагматизмот пред партиската припадност во 2025 година“,
рече Спанбергер во својот победнички говор.
Таа стана првата жена гувернер во оваа американска сојузна држава, која во изминатите четири години ја водеше републиканецот Глен Јангкин. Друг интересен момент, поврзан со Вирџинија е што актуелниот претседател на САД никогаш не победил на претседателски избори во оваа сојузна држава.
Спанбаргер, која е поранешна конгресменка и поранешна агентка на ЦИА, ја победи републиканската кандидатка Винсом Ерл-Сирс.
„Го избравме нашиот Комонвелт пред хаосот“,
рече Спанбаргер.
Во Њу Џерси, претставничката на демократите Мики Шерил, го победи републиканскиот бизнисмен и поранешен државен претставник, Џек Чиатарели.
Шерил, како што пренесуваат светските медиуми, е умерена политичарка која зад себе има и армиска кариера, првпат беше избрана во Конгресот на САД на среднорочните избори во 2018 година за време на првиот мандат на Трамп.
Најголемо внимание предизвика победата на 34-годишниот Зохран Мамдани, кој се декларира како демократски социјалист во трката за градоначалник на американската и светска метрола Њујорк. Со победата тој го заокружи својот метеорски и неочекуван подем од малку познат државен пратеник до еден од највидливите демократи во САД.
Уште со самата кандидатура и добрите прогнози на анкетите што на крај се рефлектираа и во изборна победа, Мамдани го привлече не само вниманието, туку и условно, кажано и гневот на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Имено, Мамдани ќе стане првиот муслиман што ќе раководи со голем американски град. Тој го победи поранешниот демократски гувернер Ендру Куомо (67), кој се кандидира како независен откако ја изгуби номинацијата од Мамдани на прелиминарните избори.
Републиканецот Куртис Слива, исто така, се кандидираше на општите избори.
„Секое утро ќе се будам со една цел – да го направам овој град подобар за вас отколку што беше претходниот ден“,
рече Мамдани во својот победнички говор.
Тој му се обрати и на претседателот Трамп.
„Знам дека гледаш, зголеми ја јачината на звукот“,
кажа тој.

Имено, Трамп претходно се закани дека ќе ги блокира федералните средства за градот Њујорк ако Мамдани победи на изборите за градоначалник. Тој ги повика и Евреите во американската метрола да гласаат против кандидатот на екстремното левичарско крило на Демократската партија.
„Секој Евреин кој гласа за Зохран Мамдани е глупав човек!!!“,
напиша Трамп на својата платформа Трут соушл (Truth Social), наведувајќи дека Мамдани „ги мрази Евреите“.
Победата на демократите во Калифорнија
Овие три изборни трки се сметаат за барометар за тоа како Американците реагираат на бурните девет месеци од вториот претседателски мандат на Трамп, а исто така се лакмус за кампањите на демократите во очи среднорошните избори за Конгресот, следната 2026 година.
Но, тоа не сè, кога станува збор за вчерашните триумфи на демократите.
Во сојузната државата Калифорнија, гласачите одобрија мерка за прераспределба на гласачките места, што треба да им овозможи на демократите да ја добијат битката за Претставничкиот дом, следната година.
Гласачите во оваа сојузна држава одобрија мерка за гласање со која ќе се укинат сегашните граници на конгресните окрузи нацртани од независна комисија во корист на нови мапи што ќе им дадат на демократите пет поповолни окрузи.
Со одобрувањето на мерката, гласачите одлучија да ја отфрлат работата на независната комисија за прераспределба на областите во Калифорнија и привремено да усвојат мапи исцртани од државното законодавство за да им помогнат на демократите да освојат пет дополнителни места во Претставничкиот дом на САД.

Дополнително, демократите Кристијан Менефи и Аманда Едвардс вчеравечер се пласираа на специјалните избори за место во Претставничкиот дом на САД, кое е испразнето од март. Ова треба дополнително да го стесни и онака тесното мнозинство на републиканците во Претставничкиот дом, објави Асошиејтед прес (АП).
Менефи, која е обвинителка на округот Харис, и Едвардс, поранешен член на градскиот совет на Хјустон, добија најмногу гласови меѓу дури 16 кандидати. Ниту еден од нив не доби повеќе од 50% од гласовите, што ја испрати трката во втор круг, кој се очекува на почетокот на следната година.
