„Ја користам можноста да се обратам до сите граѓани, особено на родители кои имаат мали деца, најголемо достигнување во здравствениот систем е вакцинација. Затоа замолувам сите да пристапат кон вакцинација на своите деца“, изјави новиот министер за здравство
Моментално, на државно ниво има регистрирано 34 случаи на заболени од пертусис или голема кашлица, информира денеска новиот министер за здравство во техничката влада Илир Демири, кој воедно и апелираше до родителите да ги вакцинираат своите деца.
„Центарот за јавно здравје – Скопје има прогласено епидемија и моментално на државно ниво има регистрирано 34 заболени од пертусис. Ја користам можноста да се обратам до сите граѓани, особено на родители кои имаат мали деца, најголемо достигнување во здравствениот систем е вакцинација. Затоа замолувам сите да пристапат кон вакцинација на своите деца“,
истакна Демири одговарајќи на новинарски прашања во врска со состојбата со пертусисот.
На прашањето зошто градинките не ги враќаат невакцинираните деца, што беше препорака на Комисијата за заразни болести, Демири посочи дека децата кои не се вакцинирани, не би требало да се вратат во градинките.
„Прво треба да се вакцинираат, па после да се вратат. Мислам дека тоа беше еден од критериумите и препорака од Комисијата за заразни болести. Сите деца кои се вакцинирани треба да одат во градинка. Тие кои не се вакцинирани, треба да ги прашате нивните родители како ќе го организираат чувањето на детето“,
одговори Демири кој денеска имаше обраќање на Свечената академија по повод отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Универзитетската клиника за хематологија.
Прашан како гледа на постапката за 1 117 вработувања во здравството, Демири изјави дека постапката е ставена во мирување поради изборите и дека таа ќе се реализира по изборниот процес.
„Сите здравствени работници кои работат во здравствениот сектор, ќе продолжат со договор на дело. После изборите, обезбедени се средства од Министерство за финансии, ќе се пристапи кон отворање на конкурси, да не се прекршуваат законските прописи и истите ќе бидат вработени. Голема благодарност и пофалност за сите оние кои со години придонесуваат во здравствениот систем без пензиско осигурување“,
нагласи Демири.
Како што информира, договорите се продолжени на државно ниво, а конкурсите се стопираат. По изборите, како што истакна Демири, ќе се отворат конкурси и ќе се пристапува со законски одредби.