Многу мал број заболени од делта варијантата на ковид-19 го изгубиле чувството за вкус и за мирис. За овој сој кој е најзаразен од сите досега познати и ја презема доминацијата во светски рамки најчести симптоми се гастроинтестиналните, покажува студија направена од руски научници
Дописниот член на Руската академија на науките, вирологот Сергеј Нетесов, во интервју за весникот „Известија“ укажува дека за да се спречи ширењето на делта сојот неопходно е што побргу да се вакцинира најмалку 80% од популацијата.
За да се засили кампањата за вакцинација тој предлага да се отпочне со масовни тестирања за антитела и задолжително да добиваат вакцина лицата кои немаат антитела. Исто така, според него, веднаш треба да им се забрани на невакцинираните да патуваат надвор од границите на државите, особено со авион и убаво да им се објасни на луѓето дека без примена вакцина, освен сопственото, во многу сериозен ризик го ставаат здравјето на хронично болните лица.
Според Нетесов, зголемувањето на бројот на заразени и починати ширум светот се должи токму на индискиот сој кој е попатоген и во организмот на човекот создава честички на вирусот, од 20 до 100 пати повеќе отколку вуханската верзија. Бидејќи инфекцијата е поголема, таа има и помоќна репродукција па делта варијантна на ковид-19 лесно се пренесува. Со оглед дека зафаќа повеќе ќелии, човечкото тело многу тешко се справува со нив, а во 90% од случаите, особено постарите, оние над 60 години ја губат битката. Смртноста од оваа варијанта е на ниво на онаа предизвикан од дифтерија, појаснува рускиот виролог.
Убавото време ги „симна“ маските, вакцинацијата е единствениот спас
Нетесов вели дека огромно влијание за новиот бран освен невакцинираните имаат и лицата кои прерано се опуштија по приемот на вакцината и не му овозможија на организмот да го крене нивото на заштита. Во голема мера, според него, зголемените бројки се резултат и на климата, односно на доаѓањето на топлите месеци од годината.
„Моја претпоставка е дека на сето ова во голема мера му кумува и времето. Времето се стопли, луѓето престанаа да носат маски и тоа придонесува за ширење на вирусот. Тоа според мене е причината за порастот на бројките и во Велика Британија и покрај тоа што стапката на вакцинирана таму е пристојна. Но, оние што ја имаа примено само првата доза прерано се опуштија и не почитувајќи ги мерките за лична заштита не му дадоа време на организмот да развие имунитет. Според податоците, вакцинираните луѓе исто така може да се заразат од овој вирус, но тие имаат одбранбен механизам. Затоа, најголем дел од нив минуваат без никакви проблеми, или во ретки случаи, со чесни симптоми“,
вели тој.
Стомачните проблеми се најчест симптом кај заразените со делта сојот на ковид-19
Податоците од анализите кои што ги правеле во Лабораторијата за микробиологија, вирусологија и бионанотехнологија на Универзитетот во Новосибирск покажуваат дека многу мал број заболени од делта варијантата на ковид-19 го изгубиле чувството за вкус и за мирис.
„За овој сој најчести симптоми се гастроинтестиналните. Тој малку ја измени структурата на врзување на S протеинот кој полесно се закачува за „вирусниот рецептор“ во човечкото тело, а со тоа ја зголеми специфичноста на клетките со кои комуницира. Судејќи по податоците, делата сојот, освен со белите дробови и со крвните садови, подобро се врзува и со цревата. Многу е веројатно дека тоа е причината за промената на симптомите “,
вели Нетесов.