Дополнителни специјални медицински тимови ќе бидат распоредени на локациите каде што има најмногу заразени со новиот делта-сој на коронавирусот. Американските власти ги повикаа сите граѓани да се однесуваат одговорно и да се вакцинираат против коронавирусот бидејќи делта-сојот, кој првично се појави во Индија, е многу поразарен и брзо се шири.
Џефри Зиентс, вишиот советник во Белата куќа одговорен за борба против ковид-19, изјави дека тимовите ќе бидат подготвени да го забрзаат снабдувањето со потребната опрема за тестирање, како и да ја зајакнат терапевтската нега во заедниците каде што се забележуваат зголемувања на случаите на коронавирус.
Просечниот седумдневен број на случаи со ковид-19 во САД во однос на минатата недела е зголемен за 10 проценти, информира Рошел Валенски, директорка на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Таа посочи дека делта-сојот е втората најраспространета варијанта на коронавирусот во САД.
„Јасно е дека заедниците во кои луѓето сè уште не се вакцинирани се потенцијален ризик“,
рече Валенски и додаде дека во околу 1 000 окрузи низ САД стапките на вакцинација се под 30 проценти.
Зиентс додаде дека федералните служби ќе им помогнат на заедниците преку натамошно ангажирање на здравствениот персонал, а ЦДЦ ќе им помогне во борбата против потенцијалното ширење на инфекцијата.
САД и натаму се светски лидери во вакцинацијата против ковид-19, со повеќе од 180 милиони граѓани што примиле барем една доза од вакцината.