Унгарските власти, без да негираат дека го користеле „Пегасус“, тврдат дека сите активности за тајно набљудување биле извршени во согласност со унгарските закони
Недостатокот на одговори од страна на унгарската влада за наводно шпионирање новинари, политичари и бизнисмени ги покрена прашањата пред комисијата за утврдување факти на Европската унија за тоа дали самата држава може да стои зад надзорот.
Шефицата на Одборот на Европскиот парламент за граѓанска слобода, правосудство и внатрешни работи, Гвендолин Делбос-Корфилд, денеска изјави дека за време на официјалната посета на Унгарија оваа недела, нејзината делегација разговарала со неколку унгарски новинари чии телефони биле заразени со шпионскиот софтвер „Пегасус“.
Глобалната истрага од неколку водечки светски медиуми објавена во јули покажа дека софтверот на израелската компанија „НСО Груп“, бил користен во Унгарија за таен надзор, вклучувајќи најмалку 10 адвокати, еден опозициски политичар и неколку новинари критички настроени кон Владата.
Делбос-Корфилд на прес-конференција во Будимпешта рече дека неколку новинари со кои разговарала делегацијата, велат дека аферата „Пегасус“ е трауматична за нив.
Според истражувачката сторија, шпионскиот софтвер се инфилтрира во телефоните за да собира лични податоци, како и податоци за локацијата, и може тајно да го контролира телефонскиот микрофон и камера.
Во случајот со новинарите, ова им овозможува на хакерите да ја шпионираат нивната комуникација со извори. Делбо-Корфилд рече дека одбивањето на унгарската влада да потврди или негира дали е одговорна за шпионажа „е голема загриженост за Европскиот парламент“.
„Иако, се покажа дека шпионскиот софтвер се користел и во други земји на ЕУ, се чини дека шпионирањето не ги вклучува владите на тие земји. Не тврдам со сигурност, но кога станува збор за Унгарија, имаме јасен знак дека владата го направи тоа сама“,
рече Делбос-Корфилд.
Унгарските власти, без да негираат дека го користеле „Пегасус“, тврдат дека сите активности за тајно набљудување биле извршени во согласност со унгарските закони.
Министерката за правда Џудит Варга одби да дојде на распит пред комисијата за национална безбедност во унгарскиот парламент и во јули им рече на новинарите дека „на секоја земја и се потребни вакви алатки“.
