„Тоа е исто како човек со сомнителни морални навики да го поставите да биде наставник за етика. Смешно, но СДС тоа го претставува како некоја сериозна работа“, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарско прашање
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ како „смешна“ и „иронична“ ја оцени денешната прес-конференција на лидерот на нивниот политички опонент СДСМ, Венко Филипче, на која тој, меѓу другото, рече дека ја повикуваат европската обвинителка Лаура Ковеши да ја посети земјава и лично да се запознае со малверзациите што владејачката партија ги прави со ИПАРД-фондовите, односно средства што доаѓаат од Европската Унија за поддршка на земјоделството.

Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ, во одговорот на новинарското прашање за коментар на изјавата на лидерот на опозициската партија, рече дека е иронично кога Венко Филипче зборува за борбата против криминалот.
„Тоа е исто како човек со сомнителни морални навики да го поставите да биде наставник за етика. Смешно, но СДС тоа го претставува како некоја сериозна работа“,
рече Манасиевски.
Тој го коментираше и антикорупскиот тим на СДСМ што го најави Филипче, а кој треба да ги разоткрива корупциските шеми на власта и да да ги објавува во јавност преку нови „бомби 2.0“, алузија на прислушуваните материјали што ги објавуваше екслидерот на СДСМ, Зоран Заев, против тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски.
Манасивески рече дека листата на членови на антикорупцскиот тим на СДСМ самата се пишува, притоа споменувајќи ги есклидерот на партијата и премиер на државата, Зоран Заев, неговиот брат Вице Заев, ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство, поранешната министерка за култура и актуелна пратеничка во Собранието, Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и поранешниот прв вицепремиер и ексвисок функционер на ДУИ, Артан Груби, кој, како и Васко Ковачевски, е во бегство.
„Дополнително кога СДС зборува за ‘антикорупциски тим’, листата сама се пишува: Зоран Заев, самопрогласен академик за криминал, измачкани игри и непотизам. Вице Заев, специјалист за перење пари, текстилни шеми и царински погодности. Од тимот на енергетската катедра, професорот Васко Ковачевски, човек кој треба да се врати од „студиите во странство“ за да објасни со што точно тој тргувал. За културните шеми, Бисера Костадиновска-Стојчевска, експерт за злоупотреби со активна пријава. За надворешна соработка, партнерот во криминал Артан Груби. Ваков тим, вакво „реформирање“ денес нуди СДС“,
рече Манасиевски.

Според него, кога Филипче зборува за чесност, а Зоран Заев „е сè уште лидер во сенка на СДСМ, тоа е отворено потценување на граѓаните.
Во таа насока, Манасиевски рече дека кога СДСМ нема никаков кредибилитет да говори за борбата против корупција, бидејќи, како што додаде, оваа партија е главниот извор на криминал во државата, заедно со „нивните кадри, нивните мрежи, и системот на злоупотреби и делови од обвинителството кои ги штитат“.
„Овој настап на СДС односно на Филипче е уште едно политичко харакири. Обид да се испере нешто што не се пере, ниту во топла ниту во ладна вода. Колку и да се сликаат во бело, црните страници што ги оставија никогаш нема да бидат чисти. Затоа, граѓаните не треба да бидат доведени до забуна. Кога СДС дели лекции за корупција, тоа е најдобар доказ дека тие се последните кои имаат право да го зборуваат ова“,
рече Манасиевски.
Антикорупциски тим во рамки на нова партиска програма „Нова сила“ кој ќе го води проектот насловен „Бомби 2.0“ се дел од активностите за кои Филипче говореше на денешната прес-конференција.
Како што појасни, станува збор за тим од советници од областа на правото и финансиите и од активисти на СДСМ. Нивната задача, рече Филипче ќе биде да истражуваат скандали и да ги разоткриваат корупциските шеми на власта.

Покрај повикот до европската обвинителка, претседателот на СДСМ најави дека ќе бараат помош и од италијанските антикорупциски институции за да го искористат нивното децениско искуство од борбата со Коза ностра.
„Како тие што се справија со Коза ностра, можеме и ние тука да се справиме со оваа мафија на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече денеска Филипче.
