Од Агенцијата најавуваат дека во следниот период ќе се работи на дигитализација на катастарот, со цел услугите да бидат уште подостапни за граѓаните и правните лица

Од денеска голем дел од услугите на Агенцијата за катастар на недвижности ќе бидат со намалени цени. Ова е дел од измените и дополнувањата на тарифниците што минатата недела беа објавени во „Службен весник“.
Со овие измени и дополнувања, како што информираат од Агенцијата за катастар, се врши промена и намалување на цените на најкористените услуги на Агенцијата за 75 отсто.
Со промените, како што наведуваат од Агенцијата, за купопродажба на стан и паркинг-простор, без разлика на бројот на имотни листови, по правен основ, во една катастарска општина, услугата што ќе треба да се плати е 1 250 денари.
Со намалувањето на услугите се опфатени и наследните решенија и договорите за дар, така што отсега ќе се наплаќа по правен основ во една катастарска општина во износ од 1 250 денари, а не како досега за секој имотен лист по 1 250 денари.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, вели дека со намалувањето се овие услуги се завршува процес на кој работеле изминатиот период.
Тој вели дека во следниот период ќе се работи на дигитализација на катастарот, со цел услугите да бидат уште подостапни за граѓаните и правните лица.