За тоа на кои конкретно проекти ќе се трошат парите, најави дека ќе се знае за месец до два, како и дека дискусиите на оваа тема се во тек и во многу напредна фаза
Не знам како тоа е пласирано во јавноста, но делот дека државата толку ќе се задолжи е погрешно пренесен, рече вечерва вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во гостување во Дневникот на ТВ Сител, одговарајќи на новинарско прашање од која моќна европска земја Владата планира да земе кредит од шест милијарди евра и под кои услови.

Според него, работите треба да се прикажат појасно околу информацијата дека Владата работи на инвестициски циклус што ќе донесат од пет до шест милијарди евра во земјава. За сите тие проекти, како што додаде, дел од средствата се веќе обезбедени во Буџетот, а дел ќе бидат позајмени.
„Работиме на голем инвестициски циклус што треба да опфаќа автопати, регионални и експресни патишта, железничката инфраструктура, болници, образование. Се работи за тековни и нови проекти и се работи за проекти што треба да ја променат слчиката за Македонија. Но, тоа не значи дека од едно место ќе се позајми определена сума на пари, туку дел од тие средства се веќе обезбедени во рамки на Буџетот, а дел ќе бидат позајмени, како што секоја нормална високоразвиена западна држава прави кога финасираат вакви проекти“,
рече тој.
За тоа на кои конкретно проекти ќе се трошат парите, најави дека ќе се знае за месец до два, како и дека дискусиите на оваа тема се во тек и во многу напредна фаза.
„Делот дека толку ќе се задолжи државата е погрешно пренесен. Но, дали државата има амбиција толку да реализира, тоа е веќе потврден одговор“,
кажа Николоски.
Според него, амбиција број еден на Владата е да се изгради брза пруга на Коридорот 10, од границата со Србија до границата со Грција, односно од „Табановце“ до Гевгелија.
„Пругата ќе има две линии, една карго, која ќе оди со брзина од 120 километри на час и една патничка со брзина од 160 до 200 километри на час. Карго пругата ќе биде со должина на возови до 750 метри што е максимум секаде во светот, што ќе ја направи Македонија многу конкурентна. Патничката пруга ќе овозможи од Скопје до Солун да се патува за час и половина до час и 40 минути. Кога Србија ќе го заврши својот дел, од Скопје до Белград ќе се патува за два и пол часа, а од Скопје до Будимпешта за четири и пол часа и од Скопје до Виена за шест часа“,
кажа вицепремиерот и министер за транспорт.
Патничката пруга, според неговите очекувања, е да биде готова за неполни пет години и од 2031 година да биде во функција.
Николоски посочи дека се градат четири автопати, а амбицијата е да се отвори уште еден.
„Го градиме Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Гостивар-Кичево, Кичево-Охрид, Прилеп-Битола. Дополнително имаме активен тендер за Кичево-Букојчани. Се градат и екпресни патишта, како и регионални“,
додаде тој.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека Владата привлекува нов бран странски инвестиции што ќе донесат пет до шест милијарди евра во Македонија. Сепак, во објаснувањето за оваа инвестициски бран, посочено е дека е најавена инвестиција помеѓу половина милијарда и една милијарда, средства кои ќе финансираат проекти за изградба на локални, регионална и експресни патишта.
Потоа се додава дека по преговорите на Владата за време на посетата на ОАЕ со странски инвеститори најавени се и нови проекти.
„Проекти на веќе постоечки локации во Охрид, откуп од сопствениците, и две нови локации. Попова Шапка Ски центар, локација кај Касарната за обележје, кое нема да биде само обележје на Скопје и Македонија, туку и регионот. Чебрен и Галиште, но и друг тип на објекти, соларни и нови ветерни централи, а институциите веќе се вклучени во процесите. Овој инвестициски бран е помеѓу 2 и 3 милијарди евра за Македонија“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Николоски во интервју за „360 степени“ дадено на 28 април, одговарајќи на прашањето за инвестицискиот циклус од 5-6 милијарди еевра, не откри со која сума државата дополнително ќе се задолжува. Посочи дека со оглед на тоа дека парите ќе се трошат за инфраструктурни проект, задолжувањето ќе резултира со намалување на јавниот долг на државата.
„Секоја држава што се развива, функционира така. Не е ништо „бауч“ да се позајмуваат средства. Прашањето е за што се трошат и ова е критика за сите влади, не само за претходна влада. Голема грешка е што се позајмувале средства за ликвидност во буџетот, а не за проекти. Еве еден пример. Многу се зборуваше за унгарскиот кредит, ние таму заштедивме многу пари на граѓаните. Во јануари доспеваше т.н. еврообврзница од 500 милиони евра со каматна стапка што надминуваше 6%, тоа се многу пари. Што значи дека кога се повлекла таа еврообврзница, се зеле пари со 6 и нешто проценти камата, тоа се многу скапи пари. И ајде се зеле што се зеле, не се инвестирале во нешто што може да ги враќа парите – јас ви кажав точен економси податок колку пругата ќе враќа годишно – туку се потрошиле за ликвидност на буџетот, значи за плати, пензии, социјална помош итн. И затоа мислам дека кога се позајмуваат средства, треба да се позајмуваат за инфраструктурни проекти од кој било тип, а буџетсктите средства треба да се користат за ликвидност“,
кажа тој во интервјуто.