Како што наведе уставната судијка Добрила Кацарска, која беше судија известител во овој предмет, мнозинството уставни судии оцениле дека Владата е единствениот орган што има надлежност да донесе ваква одлука, а тоа, како што образложи, произлегува од Уставот и од Законот за Владата
Оваа владина одлука се најде на расправа пред уставните судии откако беше оспорена со три инцијативи поднесени од пратеникот Скендер Реџепи, кој е дел од пратеничката група „Европски фронт“, предводена од ДУИ, потоа Ќенан Алија, како и од пратениците Сали Мурати и Блерим Беџети, исто така од „Европскиот фронт“, од кои последниот е и координатор на оваа пратеничка група во Собранието
Уставниот суд на денешната седница со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката на Владата за намалување на бројот на советници во одредени општини.

Оваа владина одлука се најде на расправа пред уставните судии откако беше оспорена со три инцијативи поднесени од пратеникот Скендер Реџепи, кој е дел од пратеничката група „Европски фронт“, предводена од ДУИ, потоа Ќенан Алија, како и од пратениците Сали Мурати и Блерим Беџети, исто така, од „Европскиот фронт“, од кои последниот е и координатор на оваа пратеничка група во Собранието.
Кој и зошто ја спореше владината одлука
Во нивните инцијативи тие беа на став дека Владата ја донела одлуката без законско овластување и спротивно на Законот за локална самоуправа користејќи укината методологија од пописот во 2021 година. Според иницијативите, со ваквата одлука се повредуваат членови од Уставот и законите бидејќи бројот на советници не е утврден врз основа на официјални и правно валидни податоци. Во аргументацијата, дел од подносителите тврдеа и дека Уставниот суд веќе укинал делови од Методологијата за попис, врз која се темели владината одлука, што според нив е клучен аргумент за нејзиното укинување.
Инаку, врз основа на оспорената одлука на Владата, Државната изборна комисија (ДИК) на 22 август го донесе Упатството за пополнување образец за листи на кандидати за членови на советите на општините и на Советот на Град Скопје.
Упатството требаше да биде донесено неколку дена порано, но гласањето во ДИК по оваа точка беше одложено на барање на членката на Комисијата, Дитмире Шеху, која на оваа позиција дојде на предлог на ДУИ. Имено, Шеху го спореше тоа што Упатството се носи врз основа на владината одлука за намалување на бројот на советници во одредени општини и бараше тоа да биде донесено со консензус. Сепак, по произнесувањето на правната служба на ДИК, Упатството беше усвоено со мнозинство гласови, односно со пет „за“ и „еден“ против.
Инаку, одлуката на Владата произлезе од пописот на населението кое покажа намалување на бројот на жители и поради тоа, согласно Законот за локална самоуправа, од Илинденска број 2 донесоа одлука за намалување и на бројот на советници во тие општини.
Покрај владината одлука, денеска уставните судии одлучуваа и за уставноста и законитоста на Упатството за ДИК, за кое, исто така одлучија да не поведат постапка.
Аргументите на Уставниот суд
Аргументите за неповедувањето постапка за владината одлука за намалување на бројот на советници во одредени општини ги образложи судијката Добрила Кацарска, која беше судија известител по овој предмет.
Како што наведе Кацарска во оваа насока, мнозинството уставни судии оцениле дека Владата е единствениот орган кој има надлежност да донесе ваква одлука, а тоа, како што образложи, произлегува од Уставот и од Законот за Владата.
Претходно судијката напомена дека овој реферат бил изготвен за многу кратко време бидејќи локалните избори се одржуваат за неполн месец (19 октомври) и внимавале да не има некои последици во однос на одржувањето на самите избори.
„Неколку аспекти се битни за донесената одлука (на Владата н.з.). Најнапред околу надлежноста на Владата, поточно дали Владата има надлежност да донесе ваква одлука. Апсолутно Владата е единствениот орган којшто може да ја донесе оваа одлука, а надлежноста ја црпи од член 91 од Уставот алинеја 1 бидејќи таа е надлежна за извршувањето на законите. Воедно надлежноста произлегува од член 63 став 3 од Законот за Влада на Република Северна Македонија. Околу тоа извршување на законите нема кој друг да е надлежен освен самата Влада“,
рече Кацарска на прес-конференцијата по седницата.

Таа, исто така, наведе дека во дадениот контекст и Законот за локална самоуправа е многу јасен бидејќи во него се говори за број на советници.
„Бројот на советници во општините не може да биде помал од девет ниту поголем од 33. Во овој член 34 точно е даден распонот на жители од кој што зависи и бројот на советници. Ако се земе предвид целокупниот Закон за локална самоуправа ќе се утврди дека во целиот Закон се употребува терминот „жители“. Значи зборуваме за локални избори, не за парламентарни избори или за избор на претседател на Република Северна Македонија. Заради операционализација на оваа одредба 34 од Законот за локална самоуправа Владата врз основа на член 36 став 3 ја носи оваа одлука за бројот на советници“,
наведе уставната судијка додавајќи дека според членот 6 од Законот за локална самоуправа жители на општина се само оние лица коишто имаат постојано живеалиште во таа општина.
Кацарска се осврна и на уште еден навод од иницијативите, а во кој, како што кажа, се говори за наводна дискриминација, односно дека само во неколку општини каде што мнозинство од населението го сочинуваат помалите етнички заедници. Според судијката, ваквите наводи не се точни бидејќи бројот на советници со владината одлука е намален во поголем број општини.
„Такви се на пример Општина Кратово, Крива Паланка, Куманово, Пехчево, Струга, Општина Јегуновце, потоа намалување има во Општина Ново Село, Општина Центар Жупа, а од друга страна има зголемување во неколку општини на бројот на советниците, а тоа се Студеничани, Општина Карпош и Општина Кисела Вода. Ова се основните елементи коишто треба да се земат предвид при разгледувањето на нивните иницијативи“,
рече таа.
Во однос на неповедувањето постапка за Упатството на Државната изборна комисија, образложение даде претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, кој рече дека Судот во овој предмет ценел два аспекти – дали Упатството е подобно за судска оцена и за неговата материјална законитост.
„Мнозинството судии утврди дека е подободно за уставно-судска оцена, а во поглед на материјалната уставност и законитост на Упатството донесено од ДИК, Судот утврди дека нема да поведе постапка од причина што Упатството само ја операционализира и доразработува материјата што претходно е утврдена во повисок правен акт. А таков повисок правен акт претставува Правилникот, а Уставниот суд минатата недела се произнесе за уставноста и законитоста на Правилникот. Значи во овој поглед Судот оцени, исто така, со мнозинство гласови да не поведе постапка за уставноста и законитоста на Упатството донесено од Државната изборна комисија“,
рече Костадиновски.
