Во административен лавринт се заглавени и пациентите кои треба да земаат таблетарна терапија од аптеките со цел да се намали метежот од пациентите кои ја земаат овој вид на терпија од Клиниката за онкологија
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски вели дека недостигот на терапија е поради промени во системот за јавни набавки, но најавува дека пред велигденските празници сите лекови ќе бидат достапни во стабилни количини

За дел од онколошките пациенти речиси цел месец нема биолошка терапија за рак на дојка, велат од Здружението „Хема-Онко“.
Според Ана Марјановиќ од Здружението, овие денови снемало биолошка терапија и за меланом и карцином на бели дробови.
Причина што тешко болните се оставени без терапијата што им е неопходна, како што вели Марјановиќ, се тендерските процедури за годишната набавка и административните кочења.
Таа вели дека тендерот бил доцна објавен и оти уште од февруари пациентите знаеле дека ќе нема доволно терапија.
„Само се надевам дека откако е започната целата процедура дека ова нема да се оддолжи до после празниците и дека ќе успеат да го завршат до празниците и да не биде после 1 мај, што значи дека пациентите повеќе од месец и половина ќе бидат оставени без терапија“,
вели Марјановиќ.
Од Клиниката информираат дека процедурата за годишната набавка на терапија е во тек и кон крајот на наредната недела или веднаш после Велигден ќе се потпишеле договорите со добавувачите за да почнат да ги носат лековите кои недостигаат.
„Постапката е завршена од страна на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија и моментално е на управна контрола во БЈН. По завршување на административните процедури ќе може да се потпишуваат договорите со добавувачите на лекови“,
информираат од клиниката.
Во административен лавринт се заглавени и пациентите кои треба да земаат таблетарна терапија од аптеките со цел да се намали метежот од пациентите кои ја земаат овој вид на терпија од Клиниката за онкологија.
Од Здружението велат дека иако буџетот за годинава на оваа Клиника се зголемил за три милијарди денари, тие досега не виделе бенефит. Она што останува најголем проблем се долгите редови пациенти на клиниката пред се поради се уште невработен нов персонал.
„Буџетот се зголеми, огромна благодарност што имаме поголем буџет за онколошките пациенти, меѓутоа сега за сега не чувствуваме ништо плус од тоа што ни го зголемија буџетот. Нови вработувања на Клиниката нема, иако постојано апелираме дека таму има потреба од дополнителен персонал. Сè уште не се вработуваат ниту ангажираните со договор на дело, незнам зошто се чека толку долго“,
вели Марјановиќ.
За недостигот од биолошка терапија за дел од онколошките пациенти, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски вели дека е поради промени во системот за јавни набавки, но најавува дека пред велигденските празници сите лекови ќе бидат достапни во стабилни количини.
„Во моментот се реализира јавната годишна набавка, таа е отворена минатиот петок, се доцнеше заради технички проблеми во Бирото за јавни набавки односно промена на системот. Тендерот е отворен, очекуваме контрола од Бирото за јавни набавки и пред велигденските празици сите лекови да бидат достапни во стабилни количини за наредните 12 месеци“,
рече денеска Клековски, во одговор на на новинарско прашање зошто од 12 март недостига дел од терапијата за онколошките пациенти.
Дел од онколошките пациенти и во јануари годинава се соочија со недостаток на терапија. Директорот на Клиниката за онкологија тогаш рече дека повеќето од пациентите што се третираат во оваа установа ја примаат потребната терапија, хемотерапија, радиотерапија и биолошка терапија. Тој рече дека недостасуваат лекови за дел од третманот за околу 40 до 60 пациенти.
Министерот за здравство Арбен Таравари тогаш потврди дека недостасувала терапија за околу пет отсто од пациентите и изрази надеж дека со новиот начин на набавка на лекови нема да се случи идниот јануари или февруари да недостасуваат лекови.