Според него, за администрацијата, за вработените во судовите и обвинителствата ќе се зголемат платите, што е дел од преговорите што се водат со синдикатите бидејќи, како што додаде, дискрепанцата е пет, седум према еден, помеѓу нивните асистенти и помошници и самите обвинители и судии
Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека шесте закони наменети за Судскиот совет, за Советот на јавни обвинители, за обвинителите, за судиите и за службите ќе бидат донесени до крајот на декември согласно Планот за раст, а процентот за зголемување на буџетот за правосудството ќе биде направен согласно компаративна анализа што сега се изготвува, а како пример се земаат пет земји членки на Европската Унија.
Ова тој го изјави одговарајќи на новинарски прашања за реакцијата од Здружението на судии дека платите на судиите и на судските службеници се најниски во регионот, за обвинувањето на опозицијата за блокирање на реформската агенда поради законите што треба да се донесат во правосудството, како и дали ќе се предомисли за зголемување на буџетите во судството и обвинителството.

Според него, на целата јавноста ѝ е јасно дека не станува збор за суштински реформи во судството и обвинителството, туку за зголемување на буџетите со цел зголемување на нивните плати.
„Добро е што сега македонската јавност може да суди, дали овие што, не зборам за сите, има и такви што си ја вршат својата работа согласно со Закон и Устав, но има мал дел што го загрозуваат овој процес, и обвинители и судии што не ја заслужуваат ниту оваа плата што ја земаат“,
кажа тој.
Посочи дека никој не е против измените во двата Закони за обвинителска и судска служба, односно дека за администрацијата, за вработените во судовите и обвинителствата ќе се зголемат платите, што е дел од преговорите што се водат со синдикатите.
„Тоа ќе го направиме зашто дискрепанцата е пет, седум према еден, помеѓу нивните асистенти и помошници и самите обвинители и судии. И ќе почнеме еден цел серијал на случаи како суделе поедини судии и како обвинувале поедини обвинители. Па, јавноста нека суди и тие во Брисел дали овие луѓе што се генератори на корупција во државата, наместо да се борат против неа, ја заслужуваат оваа плата, дали треба да имаат буџет од 260 милиони долари“,
вели Мицкоски.
Не очекува, како што рече, од тие што ги поставувале овие судии и обвинители да имаат поинаков став кон нив, освен заштитнички.
„Кој ги брани обвинителите и судиите, пак ќе кажам, не мислам на сите, мислам на мал број. Тоа се најчесто оние политичари што доаѓаат од Мала Речица или од ‘Бихаќка’, бидејќи тие се нивниот последен бастион за одбрана од криминалот и корупцијата во минато. Затоа што се свесни дека измените на оној шверцерски закон што го протнаа со европско знаменце во парламентот, не е доволен да се спасат и дека има и други одредби што го препознаваат нивниот криминал. Со неколкумина од нив, кои се последниот бастион во одбрана на поранешната влада на СДСМ и ДУИ, правдата е невозможна“,
рече премиерот.
Најави дека по локалните избори ќе ги пронајдат сите правни мерки без разлика какви и да се критиките, за да имаме обвинители што обвинуваат и судии што судат според закон и Устав.
По изборите најави и вработувања во јавнообвинителската и судската служба.
Мицкоски и вчера го повтори ставот дека не се согласува судиите и обвинителите да земаат повисоки плати, како што предвидуваат реформските закони во правосудството, бидејќи одлуките што ги носат и рејтингот што го имаат, според него, покажуваат дека не ги заслужуваат.
Потоа од Здружението на судии реагираа на неговата изјава и посочија дека платите на судиите и на судските службеници се најниски во регионот и пошироко.