Кој заминува од градоначалничко место, а кој влегува во парламентот по првиот круг од локалните избори
Четворица досегашни пратеници победија во првиот круг од локалните избори и стануваат градоначалници, а на нивно место во Собранието ќе влезат нови имиња од листите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
Од парламентот заминува, Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ, кој беше претседател на собраниската Комисија за избори и именувања. Тој е избран за градоначалник на Струмица, на местото на неговиот сопартиец Коста Јаневски. На местото на Костадинов во Собранието, пак, доаѓа Љубица Спасова, со реден број 12 на листата на коалицијата „Можеме“ во четвртата изборна единица, на која Костадинов, на ланските парламентарни избори беше позициониран на седмо место.
Од Собранието си оди и Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, партискиот секретар за меѓународна политика и претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Муцунски во неделата го победи во првиот круг кандидатот на СДСМ за градоначалник на Аеродром, Александар Филиповски, и наскоро треба да ја преземе градоначалничката функција што досега ја извршуваше социјалдемократот Златко Марин. Нов пратеник на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде Тони Јаревски, од општинскиот комитет во Карпош, кој беше на осмото место на листата на коалицијата „Обнова“ во првата изборна единица, каде што Муцунски беше втор кандидат на ланските избори.
Дарко Костовски стана градоначалник на Бутел, откако во неделата го победи досегашниот градоначалник од редовите на СДСМ, Велимир Смилевски. На негово место доаѓа Зоран Коцевски, кој на листата за пратеници во втората изборна единица беше на осмото место, додека Костовски беше на шестата позиција.
Полковникот Драган Ковачки, кој беше на 11. место на листата на ВМРО-ДПМНЕ во третата изборна единица, влегува во парламентот на местото на новиот градоначалник на Штип, Иван Јорданов, кој, пак, во 2020 година беше втор кандидат за пратеник на оваа листа. Јорданов треба да го преземе градоначалничкото место од Сашко Николов од СДСМ, кој стана градоначалник на Штип кон крајот на минатата година, по неколкумесечен стаж во парламентот. Една година подоцна, Николов ја изгуби битката од Јорданов во првиот круг.
Во вториот круг на локалните избори за градоначалничка функција се борат уште тројца актуелни пратеници Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, Биљал Касами од Беса во Тетово и Коле Чаракчиев од СДСМ во Радовиш. Евентуалната победа на Касами во Тетово би значела негово повлекување од парламентот, со што СДСМ би добил пратеник плус, со оглед на коалицирањето со Беса на ланските парламентарни избори. Тогаш партијата на Касами освои четири пратенички мандати.