Матурантите додадоа дека во текот на денот очекуваат средба со министерот за образование Јетон Шаќири, на која ќе се разговара по однос на нивните барања. Доколку барањето за кратење на материјалот не биде прифатено, како алтернатива го посочија укинувањето на еден од двата интерни предмети, чие полагање е предвидено во државната матура покрај полагањето на двата екстерни предмети
Дел од годинашните матуранти денеска повторно излегоа на протест пред Министерството за образование и наука (МОН) и уште еднаш од надлежните побараа кратење на материјалот за државната матура зашто, како што кажаа, тие се најоштетената генерација која ниту една учебна година не поминала без некаков прекин.
„Поминавме низ онлајн настава, дојави за бомби, штрајкови на професори коишто ги поддржавме, низ штрајкови на ЈСП кои го отежнаа доаѓањето на учениците во училиште. Сите овие фактори дефинитивно ќе влијаат на полагањето на државната матура“,
порача Анисија Угриновска од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС).
Според нив, кратењето на материјалот за државната матура ќе даде ефект и затоа нагласија дека ќе ургираат тоа барање што побрзо да се исполни со оглед на тоа што датумите за полагање на државната матура се веќе закажани.

Додадоа дека во текот на денот очекуваат средба со министерот за образование Јетон Шаќири, на која ќе се разговара по однос на нивните барања. Доколку барањето за кратење на материјалот не биде прифатено, како алтернатива го посочија укинувањето на еден од двата интерни предмети, чие полагање е предвидено во државната матура покрај полагањето на двата екстерни предмети.
Коментирајќи го ставот на Сојузот на средношколци, кој порача дека барањето за укинување на еден интерен предмет е нелогично, претставниците на ОДАС го оценија како задоцнет.
„Минатата недела решаваа за бесплатниот превоз во ЈСП на учениците во приватните училишта, а не се обрна никакво внимание на актуелниот проблем што ги опфаќа сите средношколци – државната матура. Не се работи само за укинување на интерен предмет, туку за решение што ќе биде ефективно за сите средношколци, односно скратување на материјалот за полагање на матурата“,
рече Угриновска од ОДАС.
На денешниот протест пред МОН матурантите беа придружувани и од дел од студентите од движењето „Студентски отпор“ кои, пак, ја искористија можноста и од надлежните побараа исполнување на нивните барања.
Студентите побараа надлежните да си ги исполнат ветувањата и да ја зголемат субвенцијата за студентскиот оброк од 160 денари наместо сегашните 120 денари.