Доколку нивното барање за укинување на испитите по државната матура не биде прифатено од страна на Министерството за образование и наука (МОН) и Државниот испитен центар (ДИЦ), оттаму како алтернатива предлагаат земање на аритметички просек од оценките по пријавените предмети за полагање од крајот на сите четири години на средно образование
Неформално здружение на матуранти од генерацијата 2018-2022 денеска до Министерството за образование и наука (МОН) ги доставија своите потписи и барање за укинување на испитите од годинешната државна матура која треба да почне да се спроведува од 4 јуни.
Претставник од Здружението, матурантот Ѓорѓи Јачев од СОУ „Коле Нехтенин“ од Штип, за „360 Степени“ вели оти кон барањата за укинување на матурските испити се приклучиле околу 2 000 матуранти на ниво на средните училишта ширум земјава.
Како главна причина за нивните барања го наведуваат недостатокот од, како што велат, квалитетна настава од почетокот на пандемијата со ковид-19 ,проследена со импровизирано учење на далечина во второто полугодие од учебната 2019/2020 година.
„Ваквиот модел на настава резултираше со слабо усвоени знаења поради неорганизираноста од ваша страна, интерноста на дел од наставниот кадар кој мораш да импровизира без јасни насоки“,
пишува во барањето од неформалното здружение на матуранти.
Од Здружението потсетуваат и оти минатата учебна година започнала со задоцнување од еден месец што, како што додаваат, резултираше со кратење на наставната програма. Посочуваат и дека учебната година се одвивала со бројни технички проблеми, а како отежнувачка околност го наведуваат и скратеното времетраење на наставните часови.
Друга причина поради која бараат укинување на испитите од државната матура е и генералниот штрајк на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) кој траеше три недели во основните и средните училишта ширум земјава, а за тоа време не се одржуваше настава.
„Второто полугодие од оваа, 2021/2022 година започна со задоцнување од две недели, а дополнителни три недели од наставата беа изгубени поради штрајкот кој беше организиран од СОНК. Претходно голем дел од наставата се одвиваше на далечина поради изолација на класови со пријавени позитивни ученици (или наставници) поради симптоми на коронавирусот“,
потенцираат од неформалното здружение.
Доколку нивното барање за укинување на испитите по државната матура не биде прифатено од страна на Министерството за образование и наука (МОН) и Државниот испитен центар (ДИЦ), оттаму како алтернатива предлагаат земање на аритметички просек од оценките по пријавените предмети за полагање од крајот на сите четири години на средно образование.
„Со оглед на тоа што во рамките на четиригодишното средно задолжително образование, квалитетна настава имавме во временска рамка од една и пол година т.е. во помалку од половина од врмето предвидено да го заокружиме истото, сметаме дека нашето барање е во целост разумно и оправдано“,
стои во писменото барање од неформалното здружение на матуранти.
Доколку нивните барања не бидат прифатени и доколку не се дојде до компромис, оттаму најавуваат бојкот на наставата, која инаку трае до овој четврток, и излегување на средношколски протести.
За нивните барања, матурантот Јачев вели дека немаат поддршка од Сојузот на средношколци кој пак, во петокот имаше средба со премиерот Димитар Ковачевски.
На средбата на Сојозот со Ковачевски, како што соопштија во петокот од Владата, било утврдено дека на барање на средношколците од минатата година веќе се скратени програмите за екстерните предмети, а оти оваа година ќе се полагаат по два екстерни и два интерни предмети, исто како и минатата година.
Од Кабинетот на премиерот посочија дека претставниците на Владата и на Сојузот на средношколци се согласиле прашањата за екстерните испити да го опфатат материјалот заклучно со март, со што не е опфатен периодот кога беше штрајкот на образовниот кадар. Истото претходно го најави и Државниот испитен центар (ДИЦ), од каде посочија дека на испитите од државната матура нема да има прашања од наставниот материјал од периодот на штрајкот во училиштата.
„Банките со прашања за интерните испити ќе бидат споделени со ученици најмалку три недели пред денот на испитот. Базата на прашања за интерните испити ќе биде споделена, а за екстерните испити, на веб страницата на Државниот испитен центар (ДИЦ) се објавени тестовите од сите претходни години. Прашањата се соодветни на испитите од минатите години и ќе бидат опфатени во еден ПДФ документ на веб страната на ДИЦ, односно ДИЦ ќе изготви Каталог на прашања за екстерните испити“,
стои во писменото соопштение од Кабинетот на премиерот Ковачевски, по средбата со претставници од Сојузот на средношколци.
На состанокот, и владините претставници и претставниците на средношколскиот Сојуз се согласиле оти матурата е заокружување на еден дел од образованието, а учениците кои што не планираат да продолжат со образованието, имаат избор да полагаат или само училишна матура или завршен стручен испит во зависност од нивното училиште.
По барање на Сојузот, било договорено и да се спроведе дополнителна испитна сесија за оние матуранти кои во испитниот период не би можеле да полагаат заради спреченост од вирусот ковид-19.
Инаку, за полагање државна матура во јунската испитна сесија според Државниот испитен центар (ДИЦ) се пријавиле вкупно 15 899 матуранти, од кои 7 135 се од гимназиско образование, 8 504 од стручно и 260 се ученици од уметничките училишта.
Датумите за полагање на двата екстерни испита од учебната 2021/2022 година во јунската испитна сесија остануваат непроменети – на 4 јуни матурантите ќе бидат тестирани по мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик и литература), а на 13 јуни ќе биде тестот по математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.