Питу Гули имал бурен живот. Седум години бил во турски затвор во Анадолија. Последиците од прангите на нозете ги имал цел живот

Елена Гули – единствениот жив директен потомок на славниот Питу Гули, внука од најмалото од четирите деца на војводата, вели дека за нејзиниот дедо речиси немало кој да ѝ раскажува.
Без татко останала на четири години, а за деда си најмногу слушала од фамилијата на нејзината баба, сопругата на Питу Гули.
Питу Гули имал бурен живот. Седум години бил во турски затвор во Анадолија. Последиците од прангите на нозете ги имал цел живот. Повредените нозе никој не можел да ги забележи кога бил качен на коњ.
Бил неуморен и секогаш бил во движење. Ги анимирал луѓето од цела Македонија, барал, ги убедувал, агитирал да не трпат и да се кренат против турските зулуми.
„Бил човек со голема храброст. Не се плашел од ништо. Ја крстосувал Македонија, влегувал во секоја борба, организирал групи, млади луѓе… Алиштата ги соблекувал од себе, ги давал на сиромашните. Собирал оружје, востаници. Од Штипско, од Велешко, од сите страни и села“,
вели неговата внука, Елена Гули, за МИА.

Пресвртницата се случила по средбата со Гоце Делчев во Штипско кој сфатил дека Питу Гули е „роден“ за војвода во Крушево. Тој не можел да ги трпи „зулумите“ на Турците.
„Дедо ми знаел дека ќе загине за Македонија. И неговите деца не сакале мирно дома да седат. Се бореле. Дедо ми целосно верувал во ослободувањето на Македонија. И јас сум премногу горда на тоа. Ја носам последната капка крв од Питу Гули. Кој сака нека дојде, јас сум наследник на Питу Гули. И целата моја фамилија. Горда сум на тоа. И од никој не барам ништо“,
вели Елена Гули.
Елена Гули е задоволна од почитта што ја има семејството. Името на нејзиниот дедо се споменува и во државната химна.
Македонија денеска слави 122 годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република и 81 години од Првото заседание на АСНОМ.
ПОВЕЌЕ НА ОВАА ТЕМА: