Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вели дека интерпелациите на дневен ред ќе бидат ставени како што е по Деловник, ако има одговори, ќе бидат ставени како што доаѓаат одговорите, ако не ќе – бидат како што се стигнати

На првата собраниска седница во новата година, која најверојатно ќе биде на 10 јануари, ќе бидат на дневен ред интерпелациите за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, и за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени, а што на почетокот на овој месец ги поднесоа од пратеничката група на „Европскиот фронт“.
На оваа седница ќе биде ставена и интерпелацијата за пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вели дека интерпелациите на дневен ред ќе бидат ставени како што е по Деловник, ако има одговори, ќе бидат ставени како што доаѓаат одговорите, ако не – ќе бидат како што доаѓале.
„По Деловник ќе работиме. За секоја интерпелација се дискутира цел ден, всушност колку пријавени има за збор. Седницата може да трае, но до крајот на денот мора да се гласа по одредената интерпелација. За секоја интерпелација се дискутира по еден ден и на крајот се гласа посебно за секоја“,
рече Гаши.
Во однос на ефектот на интерпелациите, Гаши вели дека таа како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ.
„Тоа е повеќе демократска алатка за политичка дискусија околу една тема, околу еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието“,
рече Гаши денеска во изјава за медиумите.
Од „Европскиот фронт“ кога ги поднесоа интерпелациите, рекоа оти тие се за работата на четворица членови на Владата и оти се без етнички легитимитет.
За вицепремиерот Меџити, од „Европскиот фронт“ рекоа дека е одговорен за лошото управување со состојбите кои се случуваат во државата, вклучително и меѓуетничките односи.
Во образложението што го дадоа за поднесената интерпелација за министерот за внатрешни работи Тошковски и неговиот заменик Исени, се вели дека тие на денот на празникот на албанското знаме, како одговорни лица, ѝ наредиле на полицијата на невиден и неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците.
Интерпелацијата, пак, за вицепремиерот Иван Стоилковиќ, рекоа дека ја поднесуваат поради неговото непостапување и неизјаснување во врска со настаните во Куманово, кога изгореа неколку возила и продавница на Албанци. Стоилковиќ, во својство на вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците не успеал да ја почитува и спроведе официјалната употреба на албанскиот јазик.
По поднесените интерпелации од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) рекоа дека нема да дадат поддршка оценувајќи дека тие во овој момент не претставуваат решение за кризата и може да значат нови поделби по етничка основа.