Доколку измените на Изборниот законик, кои предвидуваат една изборна единица и отворени листи, добијат поддршка од 65 пратеници, тогаш законот може да се донесе, смета професорот од Правниот факултет, Светомир Шкариќ.
На дебатата што денеска ја организира собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, Шкариќ рече дека ваквиот закон би бил легитимен и легален, иако би можело претседателот на Собранието да не го поддржи, но ќе биде потпишан од шефот на државата.
„Кога имате 65 пратеника како поддршка, законот е веќе донесен. Кој може да ве запре? Верувате дека некој бирократ ќе ве запре или некоја процедура со Деловникот, расправи во комисиите? Клучна е поддршката од 65 пратеници. Ваквиот закон ќе биде и легитимен и легален“, рече Шкариќ професорот.
Сепак, според него, ова би можело да се случи под услов да се разгледа моделот за распределба на мандатите.
Професорот Шкариќ предложи тоа да биде т.н. Харов изборен модел со отворени и подвижни листи.
Пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска, чија партија е еден од предлагачите на измените, истакна дека предлогот, иако произлегува од помалите партии, потребата за ваква промена е поддржана од 65 пратеници од владејачкото мнозинство.

„Нема да може да бидат господари на политичката ситуација во Македонија, второ, секоја партија ќе има избор дали сама или во коалиција и трето, граѓаните ќе можат да се произнесат како и за кого сакаат да гласаат, ова би произлегло ако не се блокираа. Би сакала да слушнам аргументи против. Се водат битки долгогодишно, ние како ДОМ сами излеговме на избори во 2006 година, освоивме гласови за тројца пратеници, едвај успеавме еден пратеник да обезбедиме и јас од тогаш ја водам оваа битка“, рече Поповска.
Претседателот на Комисијата Александар Кирацовски потврди дека СДСМ е за една изборна единица, за да не се губат гласови, поради што не губат само партиите туку и граѓаните.
Членот на ДИК, Јанакие Витанов, кажа рече дека дали со една или со шест изборни единици Комисијата е подготвена да спроведе избори.
„Доколку имаме една изборна единица, можеби ќе би биде потребен само нов софтвер“, рече тој.
Александар Кржаловски од МЦМС смета дека проблемот лежи во самите партии и дека со вака затрупаните над шест илјади амандмани само се покажува дека демократијата е обратно свртена.
Професорот на Правниот факултет и советник во кабинетот на претседателот на државата, Александар Спасов, рече дека бројот на изборни единици треба да се намали и треба да се запази демографската структура по региони.

На дебатата присуствуваат претставници на предлагачите на промените, на помалите партии и на институциите, но не и пратеници од опозицијата и ДУИ, кои во повеќе наврати се изјаснија против вакви промени во овој момент пред избори и укажаа на опасноста тоа да се прави без консензус. Од овие две партии поднесени се речиси 6.000 амандмани на двата предлог-закона, поради што матичната комисија не може да заседава додека сите не бидат преведени.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, претходно на прес-конференции се согласија дека ваквата расправа не е деловничка. Според Костадинов, заклучоците од оваа дебата, која е надвор од деловничките правила, треба да се земат предвид, но за Мицевски тие нема да бидат задолжителни ниту формални за Собранието.
Дебатата не доби поддршка ниту од претседателот на Собранието, Талат Џафери.