Дали републичкиот јавен обвинител се размрда затоа што му виси функцијата? Дали е во ред премиер на прес-конференција да обелоденува акции пред да го активира обвинителството? Овие и други прашања се дебатираа во емисијата „360 степени“ на МРТ 1
Очигледна е раздвиженоста во Јавното обвинителство откако премиерот почна јавно да ги критикува обвинителите, но тие требаше да бидат активни и пред повиците од Христијан Мицкоски, согласни се учесниците во дебатата во „360 степени“ на МРТ 1 на теми од правосудството. Премиерот во неколку наврати ги критикуваше обвинителите и судиите дека чуваат предмети во фиока, како и дека ја попречуваат правдата, а за тоа најавуваше „робусна акција“.
Според Ивана Петковска, програмска координаторка во Коалицијата „Сите за правично судење“, впечатокот во јавноста е дека судската власт „се разбуди“ откако стигнаа критиките.
„Можеби недостига делот на транспарентност. Таа ни е важен фактор за да знаеме дека институциите навистина постапуваат. Друг момент што го имаме, поврзан со судството и обвинителството, е тоа што имаме три големи предмети каде што имало влијание и наводно влијание врз судската власт, меѓутоа не се разрешени. Предметот за оставката на Павлина Црвенковска како претседател на Судскиот совет кога кажа дека има влијание од судски бизнис-елити, остана нејасно дали имало или немало такви влијанија, потоа разрешувањето на Весна Дамева, каде што исто така се говореше дека има политички влијанија и интервјуто на претседателката на Врховен суд за политичките притисоци во Врховниот суд. Тоа се три случаи за кои ние како јавност не добивме разрешница дали имало или немало влијанија и кој ги заштитил судиите“,
рече Петковска.
Таа смета дека има проблем и кај судиите, бидејќи не се доживуваат како дел од системот во власт и дека нивната власт е на исто ниво со извршната и законодавната. За нив Петковска вели дека мора да бидат поактивни и да го кренат гласот.
„Јасно е дека ќе има притисоци од другите власти, меѓутоа судиите се оние коишто треба да кажат ‘не’ на притисокот и да најдат начин да се изборат со тоа“,
вели Петковска.
Долгогодишниот новинар во секторот судство, Васко Маглешов, го критикува премиерот дека најавува акции уште пред обвинителството да го прави тоа, но вели дека срамот е на обвинителството.
„Јас да сум премиер, секој ден би излегувал јавно. Срамот е кај обвинителството. Ај премиерот што нема срам да излегува пред обвинителство да објави што и каква е истрагата, да кажува штета во постапката. Премиерот излегува и кажува штета во постапката. Кажува кој бил достапен, кој не бил достапен – тоа во пристојна правна држава е недозволиво. И републичкиот обвинител треба да му каже на премиерот или јавно да соопшти дека таквото поведение е неприфатливо. Можеби премиерот одлучува кого ќе стави на листа за обвинети, сè е во сфера на шпекулациите“,
изјави Маглешов.
Маглешов упатува критика кон републичкиот јавен обвинител за неговата пасивност.
„Јавниот обвинител е на функцијата десет месеци. Толку му требаа да донесе упатство откако го повика премиерот. Каде беше досега? Јавниот обвинител Љупчо Коцевски е координатор на Вишото јавно обвинителство Скопје од 2022 година. Координатор за работата на ОЈО ГОКК од 2023 година. Значи, тој две години е републички јавен обвинител. Можел, ако сакал, и досега да направи контрола, надзор итн. Но, во оваа ситуација сега му се ниша столчето, бидејќи јавниот обвинител се почесто е под критика на премиерот дека ќе го сменат бидејќи не испорачува резултати. Еве му оставиле 100 дена, повеќе од 100 дена. Ова е првпат вака по промената на власта во првите 100 дена да не е сменет јавниот обвинител“,
вели Маглешов.
Поранешната судијка во Врховниот суд, Вера Коцо, вели дека влијанија од извршната врз судската власт секогаш ќе има, но смета дека вината за состојбите е кај судиите.
„Не може да очекуваш дека ќе немаш притисок, секоја власт сака да завладее со другата власт. И ти како судија си тој што треба да го спречи тоа влијание. Да имаш свое достоинство, чест и углед, како треба да работиш и како треба да се однесуваш. Јас сум била долги години судија и сум имала притисоци. Меѓутоа, ниту тоа ме натерало да одлучам поинаку, ниту ме натерало да дадам оставка. Сум се борела онака како што сметам дека најдобро треба да направам, ама не за странката од каде што доаѓа влијанието, туку странките да ја добијат онаа правда што ја заслужуваат“,
вели Коцо.
Таа се согласува дека обвинителството покажа знаци на пасивност во минатото и покрај тоа што имаше индиции за корупивни случаи.
„Сега некако се размрдаа откако беа прозвани, на некој начин и поради ‘црната листа’ и поради сето тоа што се случуваше. Па, ете државниот обвинител презеде некои мерки за реконструкција на нов оддел за гонење на тој висок криминал, меѓутоа тоа не е долично сега да се преземаат мерки. Тоа требаше навреме да се направи, не да се чека да те удри некој по главa, па тогаш да реагираш“,
рече поранешната судијка во Врховнiot суд.
За потсетување, премиерот Христијан Мицкоски состојбите во правосудството, меѓу другото, ги нарече економски и безбедносен проблем кои бараат брза испорака на резултати.