Посоодветно е да се користи придавката „нелиберален“ отколку „антизападен“, кога станува збор за штетните реторики што го оптоваруваат регионот, оцени Флориан Бибер на панел „Антизападниот наратив во Западен Балкан“, во рамки на Белградскиот безбедносен форум
На Балканот му се потребни играчи кои се искрено посветени на либералните вредности, бидејќи антилибералните наративи напредуваат таму каде што нема такво залагање, смета Флориан Бибер, експерт за Балканот.
На панелот „Антизападниот наратив во Западен Балкан“, во рамки на 10. Белградски безбедносен форум, Бибер оцени дека е посоодветно да се користи придавката „нелиберален“ отколку „антизападен“, кога станува збор за штетните наративи што го оптоваруваат регионот.

Асија Методиева, истражувач на Институтот за меѓународни односи во Прага, рече дека постои дефицит на доверба меѓу геополитичките актери кои се натпреваруваат на Балканот, а кои настапуваат со различни наративи и агенди.
„Русија и Турција користат различни пристапи во споредба со Кина, затоа што тие често се потпираат на верските и културни врски, додека Кина им дава заеми на земјите од регионот и со тоа ги охрабрува локалните фактори да создаваат позитивна слика за земјата во своите средини “,
појасни Методиева.

Шефицата на групата за Западен Балкан во ЕЕАС, Јасна Јелишиќ, како најсоодветен пример за анти-ЕУ реторика што се прошири низ регионот на самиот почеток на пандемијата на коронавирусот, го наведе наводниот недостаток на солидарност меѓу членките на Унијата и земјите кои не се членки.
„Овој наратив се прошири, и покрај тоа што ЕУ, дури и во денови кога бројот на новозаболени случаи во Италија и Шпанија се искачи на илјадници, го стави регионот на приоритетна листа и ги отвори границите за снабдување со медицинска опрема“,
рече таа.

Никола Буразер, директорот на програмата на Центарот за современа политика, оцени дека опасноста не лежи во различните наративи, туку во пропагандата и лажните вести.
„Слободата на медиуми е од клучно значење“,
рече Буразер, со што се согласија и други говорници на овој панел, оценувајќи дека е потребна отворена дискусија за сите општествени процеси.

Говорниците заклучија дека, иако земјите од Западен Балкан го поставија влезот во ЕУ како клучна стратегија во надворешната политика, регионот е сè уште подложен на антизападни наративи и играње со различни политички агенди.
Исто така, беше истакнато дека би било лошо ако некој од надворешните актери или антилибералните наративи што ја поткопуваат демократијата би им го попречиле патот кон ЕУ на земјите од Западен Балкан.