Позицијата на Португалија е за постојан дијалог, разбирање, разбирање на проблемите на другиот, без предрасуди или комплекси за проширувањето на ЕУ, изјави португалскиот претседател на прес-конференцијата во Софија
Португалија ги поздравува и ги поддржува напорите за дијалог меѓу Бугарија и С Македонија и смета дека кревањето врева не помага, туку одмага, изјави денеска португалскиот претседател Марсело де Соуза, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.
„Постојат европски земји со различни позиции по прашањето за проширувањето на ЕУ. Португалија има принципиелен став – го поддржува проширувањето на ЕУ и не сака да има предрасуди за тоа прашање. Во однос на Западен Балкан, ние ја знаеме историјата, географијата, знаеме дека прашањата се чувствителни, не само за земјите членки на ЕУ, туку и за земјите кои сакаат да и се приклучат“,
изјави Де Соуза на заедничката прес-конференција со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија.
Тој порача дека од најголем важност е да се отвораат патеки преку кои ќе се надминуваат разликите.
„Позицијата на Португалија е за постојан дијалог, разбирање, разбирање на проблемите на другиот, без предрасуди или комплекси за проширувањето на ЕУ“,
рече португалскиот претседател Де Соуза.
Претходно, бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека неговата земја бара гаранции при проширувањето на Европската Унија со С Македонија, а најважната задача е да се врати дијалогот на сите нивоа меѓу Софија и Скопје.
