Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи нагласи дека засега не може да се каже колкаво ќе биде евентуалното поскапување на струјата и додаде дека сè уште се прават калкулациите за менување на тарифникот кој, како што напомена, ќе биде праведен и правичен, според потрошувачката. Со новиот модел на тарифирање, дециден е Битиќи, најранливите категории граѓани ќе бидат заштитени

Данокот на додадена вредност (ДДВ) за електричната енергија ќе остане пет отсто до крајот на годината, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи одговарајќи на новинарски прашања по посетата на фабриката „Брако“ во Велес.
Вицепремиерот Битиќи нагласи дека засега не може да се каже колкаво ќе биде евентуалното поскапување на струјата и додаде дека сè уште се прават калкулациите за менување на тарифникот кој, како што напомена, ќе биде праведен и правичен, според потрошувачката.
Со новиот модел на тарифирање, дециден е Битиќи, најранливите категории граѓани ќе бидат заштитени. За стопанството, пак, со ребалансот на Буџетот се предвидени 67 милиони евра поддршка.
„Во овој момент се прават сите калкулации на менување на тарифникот и тарифата на дефинирање на цената на електричната енергија. Секако, најранливите категории граѓани ќе бидат заштитени со новиот модел на тарифирање. Тие што се најранливи, ќе плаќаат најмалку – тоа нема да значи можеби зголемување, туку намалување на тарифата за најпогодените. Наскоро ќе го видиме моделот. Ќе се направи праведно и правично тарифирање на електричната енергија, според потрошувачката. Ние сме кажале и стоиме на тоа дека не може и тие кои се на регулиран пазар, а се големи потрошувачи да плаќаат иста, субвенционирана цена како секој друг граѓанин“,
истакна Битиќи.
Меѓу другото, тој објасни дека сè уште се прават финалните калкулации дали потребата на ЕВН ќе ги обезбеди ЕСМ, дали домашните капацитети за производство се доволни да ја испорачаат енергијата и дали ќе има потреба од увоз. Според законот, потсети Битиќи, ЕСМ треба да обезбедат 60 отсто од потребите на ЕВН.
„ЕСМ го имаат планот за производство, но не знаеме колкави се побарувањата на ЕВН. ЕВН треба да дојде со проекција, да се стават сите параметри на маса за да може да се одреди колкава е потребата за интервенција“,
додаде вицепремиерот.