Македонското дуо, актерот Драган Спасов – Дац и Александар Митевски со преработка на бугарска песна, која ја направиле летово, денеска во свој стил испратија порака преку Фејсбук до премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, во која велат: „Да не дозволиме наместо од првите комшии, да се симнуваме спратови подолу за било каква помош“.
Борисов, пак, им врати дека како соседи важно е да бидеме искрени едни спрема други и дека решението за тоа е дијалогот.
Јавната комуникација помеѓу македонското музичко дуо и бугарскиот премиер почна откако тие на социјалните мрежи го поставија видео-спотот, кој за првпат беше објавен во јули годинава, на преработената на бугарската песна „Целувката на Ана“ („Бакнежот на Ана“).
„Господине Борисов, Ви пишувам на мојот јазик затоа што знам дека добро се разбираме и за нашите два јазика немаме потреба од преведувач. Кај нас првиот комшија е како роднина. Кај него одиш да побараш помош во секое време, а и тој го прави истото кога ќе му затреба нешто. Дали ти требало шеќер, брашно, леб, клешта, помош да се пренесе нешто … тука е првиот комшија. Ако не си во добри односи со првиот комшија, ќе треба за едно штрафче да одиш спрат подолу или погоре, но тој не ти е прв комшија, затоа што веќе си има свој прв комшија“,
пишува Дац во постот кој е обраќање до Борисов.
Тој открива дека преработката на бугарскиот евергрин е дел од проект под името „Љубовен пасош“ во рамки на кој пеат љубовни песни од целиот регион – македонска, бугарска, грчка, српска, босанска, руска, турска …
„Сите тие се прекрасни песни, испеани со многу љубов, а за песната и љубовта – нема граници, посебно ако не ни треба превод за да ги разбереме зборовите. Нашите два јазика се слични и оттаму вие без проблем ја слушавте нашата преработка „Корона чао“, дури и ја споделивте на вашата ФБ страница. Колку повеќе јазици разбира човекот, дотолку е побогат. Еве, слушнете ја ’Целувката на Ана‘, песната која неодамна ја отпеавме во оригинал на бугарски јазик, како дел од ’Љубовниот пасош‘ и да не дозволиме наместо од првите комшии, да се симнуваме спратови подолу за било каква помош. Затоа што тие, долу или горе, веќе имаат свои први комшии“,
пишува во постот, кој го пренесоа сите бугарски медиуми.
Борисов им одговори, велејќи дека решението е во дијалогот, но и испрати порака дека тие се подготвени да помогнат, а истото го очекуваат и од соседите и пријателите.
„Во овие тешки времиња, важно е да се поддржуваме едни со други. Исто како што тоа секогаш го правевме за нашиот прв и најблизок сосед во текот на годините. И токму затоа што сме најблиски, не смееме да дозволиме да се оддалечиме. Пријателството меѓу нас е силно. И најсилните врски се и најемотивни. Но, тоа не значи дека треба да ги прекршиме ветувањата и да се навредиме. Како пријатели мора да бидеме искрени едни кон други. Значи, ќе одиме напред. Ако сме тврдоглави, проблемите ќе останат. Решението е во дијалог, солидарност, разбирање. За подобро утре! Подготвени сме да помогнеме. Истото сакаме да го видиме и кај соседите и пријатели“,
вели Борисов.
Дац и Александар се добро познати во бугарската јавност, а нивната популарност таму го доживеа врвот со нивната песна „Корона чао“ која стана хит меѓу бугарската публика. Истата песна во својот автомобил ја слушаше и Борисов, кој за тоа објавуваше видео како ја слуша додека вози автомобил.