Александар Даштевски ќе биде новиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Државната изборна комисија. Ова денеска на прес-конференција го потврди портпаролот на партијата Наум Стоилковски.
„Да, можам да потврдам дека со одлука на последниот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, професорот Александар Даштевски ја доби поддршката за предлог за нов претседател на ДИК“,
изјави Стоилковски.
Мандатот на актуелниот состав на ДИК истекува месецов, а во Собранието започна постапката за избор на нови членови на највисокото изборно тело во државата.
Изборот на членови на ДИК се врши согласно Изборниот законик. Претседателот го предлага опозициската партија која добила најмногу гласови на последните парламентарни избори, која има уште еден член во Комисијата.
ВМРО-ДПМНЕ, како водечка партија во опозиција, ќе добие две места, од кои едното претседателско. Како втора опозициска партија во парламентот, едно место во ДИК би добила и Алијанса за Албанците.
Партиите на власт, пак, предлагаат потпретседател (кој би бил од редовите на ДУИ) и тројца членови (СДСМ).
Доколку Даштевски биде избран, ова нема да биде негово прво искуство во ДИК. Тој беше избран за член на Комисијата и пред парламентарните избори во 2006 година, тогаш како кадар на ВМРО-НП.
Неговата професионална биографија открива дека од 1989 до 1998 бил адвокат, а во декември 1998 станал советник во тогашната влада (на Љубчо Георгиевски), но на таа позиција се задржал околу три месеци, па во март 1999 станал советник во Царинската управа, а по нецела година станал и помошник-директор во оваа институција, каде што се задржал до септември 2003 година.
Тој бил и претседател на Комисијата за претпристапување во ЕУ, член на делегацијата за пристапување во Светската трговска организација и други функции, од кои последната му беше претседател на Комисијата за заштита од дискриминација во последниот состав на ова тело, избран пред заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ од власт. Тогаш тој стана и директор на Универзитетот „Евро Балкан“-Скопје.
Од неговата партиска кариера, пак, познато е дека бил во Обединети за Македонија – партијата на Љубе Бошковски, како и во Демократската десница на Филип Петровски, на чија листа беше и кандидат за пратеник на изборите во 2011 година. Но Демократска десница тогаш не освои мандати во парламентот, а нешто подоцна Даштевски и Петровски се вратија во матичната ВМРО-ДПМНЕ, уште кога на чело на партијата беше Никола Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ во актуелниот состав на ДИК, кој е на заминување, исто така, имаше претседател – Оливер Деркоски, додека членка на Комисијата од најголемата опозициска партија е Елизабета Постоловска.