Започнат е изборниот процес со гласање на немоќните лица, лицата со ковид-19 и оние кои се во самоизолација, потоа затворениците, лицата во притвор, во старските домови и внатрешно раселените
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, на денешната прес-конференција рече дека со право на глас на овие избори во избирачкиот список се запишани 1 824 863 лица, а денеска можат да гласаат вкупно 10 653 гласачи.
Од утринава од 7 часот започнат е изборниот процес со гласање на немоќните лица, лицата со ковид-19 и оние кои се во самоизолација, потоа затворениците, лицата во притвор, во старските домови и внатрешно раселените.
„На гласачките места во 13-те поправно казнени установи, можат да го остварат 1 899 гласачи. Сите гласачки места во казнено-поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот. До овој момент гласањето тече без проблем“,
рече Даштевски.
Тој додаде дека во текот на денот, своето гласачко право во единствениот Центар за внатрешно раселени лица ќе може да го остварат и шест гласачи кои се водат како внатрешно раселени лица.
„Во установите за вонсемејно згрижување, своето право на глас можат да го остварат вкупно 351 гласач. Во текот на денешниот ден, избирачките одбори во државата ќе го спроведат гласањето на лица кои се болни и немоќни или во куќен притвор. Од општинските изборни комисии кои доставиле известување со соодветна документација во своите домови гласачкото право ќе го остварат 7 921 граѓанин кои се пријавиле за гласање“,
рече Даштевски.
Според ДИК, во своите домови ќе гласаат 476 лица, кои се во домашен карантин или им е определена мерка самоизолација поради ковид-19. Ова гласање ќе го спроведат посебни избирачки одбори составени од медицински персонал и лица номинирани од политичките партии.
„Постои изразен интерес за набљудување на овие избори од страна на домашни и странски организации и медиуми. ДИК издаде акредитација за набљудување на 1 247 набљудувачи од кои 870 се домашни, 367 странски и 10 странски новинари“,
рече Даштевски.