Дваесет и четиригодишниот Митровиќ беше најбрз меѓу 160 пријавени на централната манифестација за одбележување на Водици во Скопје, што се одржа кај мостот „Слобода“
Дарко Митровиќ од Општина Центар го фати светиот крст што во реката Вардар во Скопје денеска го положи архиепископот г.г. Стефан по осветувањето на водите по повод празникот Богојавление – Водици.

Дваесет и четиригодишниот Митровиќ беше најбрз меѓу 160 пријавени на централната манифестација за одбележување на празникот Водици во Скопје што се одржа кај мостот „Слобода“. На подарок доби осветена икона и Библија од г.г. Стефан, а икони доби и од градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Доби и ваучер со вредност од 15 илјади денари од компанијата „Зегин“.
Одбележувањето на Богојавление во Скопје започна во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што богослужеше поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан. По литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка се упатија кон мостот „Слобода“ каде што се изврши водосветот.
