Поранешниот директор на Царинската управа, на 11 јануари 2023 година, поднесе барање за ново судење само еден ден откако беше уапсен на граничниот премин Табановце за издржување на казна затвор изречена во 2008 година. Тогаш од судот информираа дека го распределиле предметот кај кривичен совет и пред да одлучат по барањето треба да ги приберат сите информации од затворот, како и да добијат мислење од обвинителството
По речиси 20 дена од приведувањето на Драган Даравелски, поранешниот директор на Царинската управа во „Идризово“ сè уште ја очекува одлуката на Основниот кривичен суд Скопје – дали ќе му се дозволи ново судење. Неколкуте обиди да дознаеме до каде е предметот, од што би можело да се претпостави кога ќе се одлучува за евентуално ново судење за Даравелски, завршија со кус одговор:
„Судот постапува по барањето за повторување на постапка поднесено од осудениот Драган Даравелски. Се обезбедуваат услови за одлучување по барањето“,
велат од судот за „360 степени“.
За судот воопшто да може да донесе одлука, треба предметот да се прати во обвинителството. Потоа, обвинителството треба да изработи мислење по барањето на осудениот во отсуство, во случајов Драган Даравелски. Последните информации од надлежното, Основното јавно обвинителство – Скопје, се дека предметот се уште не дошол кај нив за мислење.
Како Даравелски заврши во „Идризово“
Даравелски како поранешен директор на Царинската управа во 2008 година беше правосилно беше осуден на седум години затвор за злоупотреба за службената положба и овластувања во периодот од 1999 до 2002 година. Нему му се судеше во отсуство бидејќи избега во Србија. Во четири наврати Северна Македонија бараше негова екстрадиција (2004, 2013, 2016 и 2020 година), но северниот сосед не се изјасни позитивно, а на последното до моментот на апсењето воопшто не беше одговорено.
Во рамките на тие преписки, Белград бараше а Скопје даде гаранција дека доколку го екстрадира, тој ќе добие повторување на судската постапка, со оглед дека претходно му се судеше во отсуство. Ова е стандардна постапка, утврдена и со домашните закони.
Даравелски, сепак, не беше испорачан од српските органи туку на 10 јануари годинава сам се појави на граничниот премин „Табановце“ каде беше приведен и спроведен во „Идризово“.
Веќе наредниот ден, Основниот кривичен суд информираше дека тој бара ново судење бидејќи во претходното бил осуден во отсуство. Експертите тогаш коментираа дека фактот што Даравелски беше уапсен на граница, а не екстрадиран од официјален Белград, би требало да ја поништи гаранцијата за ново судење по автоматизам.
Ако се одобри ново судење, Даравелски ќе стане слободен човек
Уште на 11 јанаури 2023 година, кога Даравелски побара повторено судење, Кривичниот суд од Скопје соопшти дека е распреден кај кривичен совет за да постапува и одлучува. Она што тогаш го најавија од судот е дека ќе се обратат до затворот за да ги приберат потребните информации и документи, а потоа ќе побараат и мислење од Основното јавно обвинителство Скопје. Откако ќе го комплетираат случајот со потребните документи, советот ќе закаже седница и ќе одлучува. До овој момент, според информациите кои ги обезбеди „360 степени“, тоа не е завршено.
Можноста за повторување на судењето, Даравелски ја црпи од членот 456 од Законот за кривична постапка (ЗКП). Во ставот 1 од овој член се предвидува дека кривичната постапка ќе се повтори ако осуденикот или неговиот адвокат поднесат барање во рок од една година откако лицето ќе се произнесе за пресудата со која е осудено во отсуство, додека во став 2, пак, се предвидува ново судење доколу „против лицето осудено во отсуство во тек е постапка за екстрадиција и доколку државата во која се наоѓа лицето бара гаранции дека на лицето ќе му се дозволи право на повторно судење во негово присуство“.

На кој од овие ставови се повикува Даравелски кога бара повторено судење не е јасно, бидејќи деталите не беа соопштение во јавноста, ниту од судот ниту од одбраната. Но бидејќи има само две опции, очекувано е Даравелски да докажува или дека не знаел за пресудата против него (став 1, од член 456) или да се повикува на државната гаранција од барањата за екстрадиција (став 2, од член 456). Поради природата на неговото приведување и неколкуте барања за екстрадиција (од кои би требало да знае дека осуден уште поред повеќе години), интересот во експертската и општата јавност е – како ќе се постави судот кон барањето за повторено судење?
Сето тоа е особено важно бидејќи доколку судот прифати тој да добие ново судење, тогаш веројатно нема да има судска постапка. Извесно дека за делото за кое е осуден во отсуство, по 20 години од сторувањето ќе настапи апсолутна застареност ако се укине правосилната пресуда.
