Данска е една од европските земји што најсилно ја поддржува Украина во војната против Русија, обезбедувајќи ѝ напредно оружје и друга опрема и обучувајќи ги украинските пилоти на борбени авиони Ф-16 од американско производство
Данските власти најавија дека планираат да воведат регрутирање на жени во армијата, како и да го продолжат времетраењето на воената служба, пренесува Би-би-си. Регрутацијата на жени, според прогнозите на данската влада е планирана да се воведе од 2026 година.

Така Данска, како што пишува Би-би-си, ќе стане трета европска земја, заедно со Норвешка и Шведска, која ќе воведе задолжителен воен рок за жените.
Планот е во следните пет години Данска да го зголеми буџетот за одбрана за околу шест милијарди долари, со што треба да се исполнат целите на НАТО-алијансата.
Презентирајќи ги воените реформи, данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека владата се стреми да постигне целосна родова еднаквост.
„Ние не се вооружуваме затоа што сакаме војна, туку затоа што сакаме да ја избегнеме“,
вели таа.
Според данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен засиленото регрутирање и целосната родова еднаквост треба да придонесат за решавање на одбранбените предизвици, националната мобилизација и надополнување на нашите вооружени сили.
Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, според Би-би-си, растат тензиите во Европа, а оттогаш, воено-политичкиот сојуз доби две нови членки – Финска и Шведска, земји кои беа неутрални со децении.
Во оваа скандинавска земја жените можеа да се пријават за воена служба, но доброволно.
Според плановите на владата, воениот рок ќе биде продолжен од четири на 11 месеци и ќе важи и за мажи и за жени.
Минатата година воениот рок во Данска го отслужиле 4 700 лица, од кои околу 25 отсто биле жени.
Оваа година бројот на оние што служат воен рок е зголемен на 5 000 лица.
Вооружените сили на Данска моментално бројат околу 20 000 активен персонал, вклучувајќи околу 9 000 професионални војници.
Во земјата, која има вкупно речиси шест милиони жители, ќе се зголеми и финансирањето на вооружените сили – од сегашните 1,4 отсто од БДП на два отсто, за да се исполнат целите поставени од НАТО.
Данска е една од европските земји што најсилно ја поддржува Украина во војната против Русија, обезбедувајќи ѝ напредно оружје и друга опрема и обучувајќи ги украинските пилоти на борбени авиони Ф-16 од американско производство.
