Аналитичарите велат дека резултатите од изборите го покажаа незадоволството на јавноста поради зголемените трошоци за живот, иако Данците ѝ оддадоа признание на Фредериксен за спротивставувањето на американскиот претседател Доналд Трамп откако тој се закани дека ќе го анектира Гренланд, кој е данска автономна територија
Данската премиерка Мете Фредериксен и нејзината Социјалдемократска партија почнаа преговори за формирање коалициска влада со цел да го обезбедат својот трет владин мандат и покрај тешкиот пораз на владејачкиот коалициски блок на изборите во вторникот.

Аналитичарите проценуваат дека преговорите за формирање коалициска влада ќе бидат комплицирани бидејќи е потребно да се постигне консензус меѓу многуте мали групи во парламентот од 12-те партии што презентираа разни цели во изборната кампања, објавија британските медиуми.
Фредериксен веќе има две левичарски групи на своја страна – Социјал-либералната партија и Зелената левица.
Фредериксен ја поднесе својата оставка до данскиот крал Фредерик во средата кога стана јасно дека нејзината двопартиска коалиција повеќе не може да владее.
Данскиот крал ја замоли Фредериксен да ги води преговорите за формирање нова владејачка коалиција со две левичарски партии, објави кралската палата.
Аналитичарите велат дека резултатите од изборите го покажаа незадоволството на јавноста поради зголемените трошоци за живот, иако Данците ѝ оддадоа признание на Фредериксен за спротивставувањето на американскиот претседател Доналд Трамп откако тој се закани дека ќе го анектира Гренланд, кој е данска автономна територија.
Нејзината партија го доживеа својот најлош изборен резултат од 1903 година. Таа освои само 38 места во Фолкетинг од вкупно 179, но останува најголемата партија во парламентот. Во претходниот состав имаше 50 места.
Левичарскиот блок на Мете Фредериксен освои вкупно 84 места во парламентот, малку повеќе од 77-те на десничарскиот блок, со што на двете партии им недостигаат 90 места потребни за формирање мнозинска влада.
Иако таа би можела да добие поддршка од други левичарски партии, Фредериксен ќе треба да обезбеди и поддршка од неврзаните модератори или десничарски партии за да формира функционално мнозинство.
Даночната политика би можела да биде клучна за преговорите. Фредериксен предложи данок на богатство за најбогатите Данци, на што се спротивставуваат партиите од десниот центар, а нејзиното ветување за ограничување на употребата на пестициди ја налути земјоделската индустрија во земјата.
Доколку Фредериксен не успее да формира нова коалиција, кралот ќе мора да ја предаде задачата за обид за формирање влада на друг лидер на партијата.
