Министерот за одбрана на Данска, Троелс Лунд Поулсен, изјави дека хибридниот напад бил дел од систематска операција, но рече дека уредите биле лансирани локално
Откако вторпат за една недела беспилотни летала го нарушија воздушниот простор на Данска, властите во државата соопштија дека се чини оти дроновите што летаат над нејзините аеродроми се дело на „професионален актер“ како дел од хибриден напад кој има за цел да всади страв.

Министерот за одбрана на Данска, Троелс Лунд Поулсен, на прес-конференција изјави дека хибридниот напад бил дел од систематска операција, но рече дека уредите биле лансирани локално.
„Нема сомнение оти сè укажува на тоа дека ова е дело на професионален актер кога зборуваме за таква систематска операција на толку многу локации речиси истовремено“,
изјави министерот за одбрана на Данска.
Тој додаде дека нема докази што укажуваат дека Русија стои зад упадот и дека полицијата ги испитува околностите.
Министерот за правда Петер Хумелгард, пак, изјави дека Данска ќе се стекне со нови напредни капацитети за откривање и неутрализирање на беспилотни летала, додавајќи дека целта на овој вид хибриден напад е да се шири страв и да се создаде поделба и заплашување.
Доцна синоќа аеродромот во Алборг во северниот дел од Данска беше затворен откако неидентификувани дронови биле забележани во воздушниот простор. Активност на дронови пријавиле и три други помали аеродроми во јужниот регион на земјата – Есбјерг, Сендерборг и Шкридструп. Ова следува откако во понеделникот привремено беше затворен поради сличен инцидент.