Целосното отворање на данската економија зависи и од воведувањето на „ковид-пасошите“, кои се доказ дали некој е вакциниран, дали прележел ковид или е тестиран во изминатите 72 часа
Данска денеска објави дека ќе ги ублажи ограничувањата против ширење на коронавирусот, со тоа што ќе дозволи од април да се отворат фризерниците, бањите и другите деловни услуги, додека рестораните и кината ќе го следат овој пример од мај.
Ваква одлука е донесена бидејќи стапката на инфекцијата со коронавирус падна по прилично строгите мерки воведени во декември минатата година, за да се спречи ширењето на позаразната мутација.
„Со неколку исклучоци, данското општество ќе се отвори кога на сите постари од 50 години ќе им се понуди вакцината“,
изјави данската премиерка Мате Фредериксен.
Данска очекува до крајот на мај да се вакцинираат сите над 50-годишна возраст. Првата доза од вакцината минатата недела ја примија малку над 600 000 Данци.
Според планот усвоен од парламентот доцна синоќа, почнувајќи од 6 април, повеќето студенти ќе можат да ја продолжат наставата, додека некои услужни дејности, како што се фризерниците и студијата за тетовирање, ќе може повторно да се отворат.
Големите трговски центри ќе се отворат на 21 април, додека кината и рестораните ќе продолжат со работа на почетокот на мај.
Целосното отворање на данската економија зависи и од воведувањето на „ковид-пасошите“, кои се доказ дали некој е вакциниран, дали прележал ковид или е тестиран во изминатите 72 часа.
Соседите на Данска – Шведска, Финска и Норвешка – во последните неколку недели забележаа зголемен пораст на новозаразени, поради што ги вратија ограничувањата.