Трамп вели дека ќе ја направи автономната територија на Данска дел од Соединетите Држави и не ја отфрли можноста за користење воена или економска моќ за да ја убеди Данска да ја предаде
Данска денеска соопшти дека Гренланд не е на продажба и дека тоа „го мисли сериозно“, откако американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека интересот на претседателот Доналд Трамп за купување на островот „не е шега“.

Трамп вели дека ќе ја направи автономната територија на Данска дел од Соединетите Држави и не ја отфрли можноста за користење воена или економска моќ за да ја убеди Данска да ја предаде.
Рубио во четвртокот изјави дека преземањето на Гренланд е во национален интерес на САД, не исклучувајќи ја можноста за воена принуда за да се постигне тоа.
„Ова не е шега. Ова не е за стекнување земјиште заради стекнување земјиште. Ова е наш национален интерес и треба да се реши“,
рече Рубио.
Одговарајќи му на Рубио, данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен рече:
„Ќе бев поизненаден ако речеше дека тоа е шега. Ние сериозно мислиме – а тоа важи и за Гренланд – дека Гренланд не е на продажба“.
САД имаат контрола врз воздухопловната база на Гренланд
Островот има околу 57 000 жители кои сами си ги решаваат домашните прашања. Данска е одговорна за одбраната и безбедноста на Гренланд и вели дека само Гренланѓаните можат да одлучуваат за нивната иднина.
Соединетите Држави управуваат со воздушна база таму според договор.
Анкетите покажуваат дека повеќето Гренланѓани поддржуваат полабави односи со Данска, но и се противат територијата да стане дел од Соединетите држави.
Гренландскиот премиер Муте Егеде, кој ги засили напорите за независност од Данска, исто така во неколку наврати изјави дека островот не е на продажба и дека неговиот народ мора да одлучува за својата судбина.
„Арктикот ќе биде клучен“
Рубио во едно интервју рече дека Арктикот ќе биде клучен за бродските патеки и дека САД мора да бидат способни да го одбранат. Тој рече дека американскиот ривал Кина може да се обиде да го зголеми своето присуство.
Запрашан дали САД ќе го поседуваат Гренланд за четири години, Рубио изјави:
„Очигледно тоа е приоритет на претседателот и тој тоа јасно го кажа… Сè уште не сме во позиција да зборуваме за тоа како точно ќе продолжиме тактички. Мислам дека можете да бидете сигурни дека за четири години нашиот интерес за Арктикот ќе биде посигурен“.
Расмусен рече дека американските интереси наведени од Рубио се совпаѓаат со оние на Кралството Данска.
„Ако можеме да имаме суштинска дискусија за ова, тогаш ќе најдеме решение“,
рече тој.
Осврнувајќи се на коментарите на Рубио, Расмусен рече:
„Тоа е сумирано во оваа амбиција дека само кога Соединетите Држави ќе го поседуваат целиот свет, сè ќе биде под контрола. Но, тоа нема да се случи, па мораме да најдеме друг начин да ги исполниме овие задачи заедно“.
