Данска е првата земја што ја прекина употребата на вакцината против ковид-19 на „Астра Зенека“
Данска размислува да ги дистрибуира вакцините против ковид-19 на „Астра Зенека“ на посиромашните земји, откаако вчера одлучи да ја стопира употребата поради загриженост за појава на тромбози, изјави денеска директорот на Светска здравствена организација за Европа, Ханс Клуге.
Данска е првата земја што ја прекина употребата на вакцината против ковид-19 на „Астра Зенека“, додека европските власти продолжуваат да ги анализираат извештаите за ретката појава на згрутчување на крвта по вакцинирањето во земјите-членки а Европска Унија и во Велика Британија.
СЗО заедно со британските и европските медицински агенции продолжуваат да препорачуваат употреба на вакцината на „Астра Зенека“, истакнувајќи оти придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците.
Сепак, официјални лица на СЗО не го критикуваат прекинот на вакцинација со „Астра Зенека“ во Данска, наведувајќи оти секоја држава треба да биде флексибилна во донесувањето одлуки за своите програми за имунизација.
Чешка вчера се понуди да ги откупи преостанатите дози од вакцината „Астра Зенека“ од Данска.
