Целта на мерките е да се зголеми процентот на вакцинација соочени со силниот бран на нови заразени
Како што секојдневно расте бројот на нови заразени низ Европа, сѐ повеќе земји воведуваат нови мерки за заштита од ширење на коронавирусот. Австрија веќе размислува за даноци за невакцинираните, Чешка и Словачка воведоа ограничувања за невакцинираните, Италија се одлучи за „супер зелена пропусница“, а Холандија воведува задолжителна социјална дистанца.
Минатата недела Австрија одлучи да воведе задолжителна вакцинација од 1 февруари 2022 година, а се повеќе предлози се за воведување данок за невакцинираните.
Потпретседателот на Лекарската комора од Долна Австрија, Герит Лоибл, посочи дека може да се воведе пандемиски данок за невакцинираните, кој ќе изнесува од 90 до 100 евра месечно. До оваа сума дошле кога го пресметале данокот на тутунот и навиките на пушачите, бидејќи пушачите плаќаат слична сума на државата. Тој посочи дека данокот може да доведе до повисока стапка на вакцинирани во државата.
Холандија
Холандија од среда повторно ќе воведе задолжително социјално дистанцирање за сите над 18 години. Секој што нема да ги почитува правилата за оддалеченост од 1,5 метар од другите луѓе во повеќето социјални ситуации ќе мора да плати казна од 95 евра. Новото правило ќе го контролираат полицајци и безбедносни тимови на БОА ангажирани од општините за да обезбедат усогласеност со прописите, соопшти Министерството за правда и безбедност.
Мерките нема да важат за лица кои живеат во исто домаќинство. Други исклучоци вклучуваат локации каде што е потребна пропусница за ковид за да се влезе.
Италија
Италија планира да ги заостри правилата за здравствениот сертификат, а новиот владин декрет се очекува да биде објавен до петок. Новите мерки ќе се однесуваат на невакцинираните и ќе бидат пропишани во таканаречената „супер зелена пропусница“.
Во август, Италија воведе зелена ковид-карта, која е потребна за влез во ресторани, кина и рекреативни центри, а потоа беше проширена на работните места и јавниот превоз. Потврдата покажува дали лицето било вакцинирано, прележало ковид или имало негативен тест за ковид.
Наместо тоа, сега се воведува „супер зелена пропусница“ која би се издавала само на вакцинирани лица или на оние кои прележале, додека пропусниците издадени врз основа на ПЦР-тест ќе важат само за влез на работното место.
Чешка и Словачка
Поради епидемиолошката состојба, Чешка и Словачка одлучија да воведат рестрикции за невакцинираните граѓани. Тоа значи дека од понеделник им е забрането да посетуваат пабови, продавници кои не се сметаат за приоритетни, како и трговски центри.
Расте бројот на заразени во оваа земја, а местата на интензивна нега се пополнуваат. Чешка испрати војници да им помогнат на болниците и беше најавено дека ќе се размислува за прогласување вонредна состојба.
Ситуацијата во Словачка е исклучително тешка, болниците не можат да го издржат притисокот поради зголемениот број на заразени, па ќе се размислува за можен карантин. Словачката претседателка Зузана Чапутова рече дека земјата ја губи битката против пандемијата.
Хрватска
Хрватска воведе парични казни за противниците на потврдите за ковид. Министерот за здравство Вили Берош и министерот за правда Иван Маленица истакнаа дека решенијата ќе се однесуваат на одговорните лица кои нема да ја почитуваат одлуката за задолжителни потврди, а висината на казната ќе биде од 4 000 до 6 645 евра.
Берош на прес-конференцијата ги критикуваше политичарите кои го поддржаа протестот против вакцинацијата и тестирањето. Тој додаде дека епидемиолошката состојба во Хрватска не е добра и ги повика луѓето да ја примат третата засилувачка доза од вакцината.