„Болеста не се пренесува лесно. Потребен е близок, продолжен контакт! Ризикот за епидемија е многу низок. Состојбата се следи од здравствените власти. Мајмунските сипаници не се нова ниту неконтролирана закана. Ситуацијата бара информираност и претпазливост, но не и паника“, вели епидемиологот и поранешен министер за здравство
Откако вчера лабораториски се потврдија првите два случаи на мајмунски сипаници во земјава, епидемиологот и професор Драган Даниловски вели дека нема простор за паника бидејќи ризикот од епидемија со вирусната болест се многу низок. Даниловски вели дека мајмунските сипаници не се ниту нова ниту неконтролирана закана.

Во објавата на својот фејсбук-профил, докторот дава кусо објаснување за болеста, симптомите, начинот на пренесување и методите на заштита од заразата.
„Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од monkeypox вирусот, кој припаѓа на истото семејство како и вирусот на големите сипаници. Симптомите обично вклучуваат треска, главоболка, болки во мускулите и грбот, зголемени лимфни жлезди, исцрпеност, кожен осип кој може да се појави на лицето, рацете, стапалата, гениталната област или други делови од телото. Инкубациониот период е обично од 6 до 13 дена, но може да варира од 5 до 21 ден. Болеста трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со ослабен имунитет, деца и бремени жени, може да се развијат посериозни компликации“,
пишува Даниловски во објавата на Фејсбук.
Додава дека мајмунските сипаници се пренесуваат преку директен контакт со кожни лезии или телесни течности на заразено лице, близок физички контакт вклучувајќи и сексуален однос, контакт со контаминирани предмети како облека, постелнина или прибор и преку респираторни капки при продолжен близок контакт лице в лице.
„Болеста не се пренесува лесно. Потребен е близок, продолжен контакт! Ризикот за епидемија е многу низок. Состојбата се следи од здравствените власти. Мајмунските сипаници не се нова ниту неконтролирана закана. Ситуацијата бара информираност и претпазливост, но не и паника. За повеќе информации, посетете ја веб-страницата на Институтот за јавно здравје. Информирајте се од релевантни извори – не од гласини“,
додава Даниловски.
За заштита, епидемиологот препорачува одржување хигиена (миење раце со сапун и вода), избегнување близок контакт со симптоматски лица и споделување на лични предмети и консултаија со лекар при сомнителен осип.
Инситутот за јавно здравје информира дека во земјава се потврдени првите два случаи на мајмунски сипаници.
Двата пациенти суспектни на мајмунски сипаници вчера од Клиниката за кожни болести биле упатени во Инситутот за јавно здравје, каде што по направените лабораториски испитувања на три различни начини е потврдено дека се носители на болеста.