Скопската градоначалничка ја поднела пријавата утринава, потврдиле за Телевизија 24 од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК)
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, утринава поднела кривични пријави против градоначалникот на Општина Чаир и неколку вработени во општинската администрација, објави Телевизија 24. Оттаму велат дека во пријавата која била поднесена до ОЈОГОКК било наведено оти општината користи фалсификувана деловна книга во која се водат барања за легализации на дивоградби. Дополнително, стои дека граѓаните кои навремено поднесувале барања за легализација на балкони или делови од куќи биле одбивани од општината, но нивниот број за легализација бил злоупотребуван за други дивоградби кои се изградени и по десет години од престанокот на важноста на роковите за легализација согласно Законот за легализација на дивоградби.
Скопската градоначалничка во изјава за телевизијата вели дека станува збор за сериозни докази за направени кривични дела и го повика обвинителството итно да постапи согласно своите надлежности.
„Непостапувањето и непокренувањето обвинителен акт за небезбедните згради кои лицата Висар Ганиу, Ејуп Адеми и нивната организирана банда во Општина Чаир овозможиле со фалсификати незаконски да се градат, ќе креираат сериозен преседан, со кој нема да може да се гони во Република Македонија никој кој направил слично или исто кривично дело, кое во моментов е утврдено со сериозни казни во Кривичниот законик и за кои дела други лица сеуште служат казни затвор. Очекуваме постапување во најкраток можен рок, со цел заштита на јавниот интерес, правото и законитоста“,
рече Арсовска.
Претходно денеска, осомничениот за вербалниот и физички напад на скопската градоначалничка Данела Арсовска од куќен беше префрлен во затворски притвор. Ова дојде откако Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје ја прифатил жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје против решението на судијата на претходна постапка кој на осомничениот С.Љ. првично му одреди куќен притвор иако од Обвинителството бараа неговото присуство да биде обезбедено со ефективен затворски притвор.