„ДУИ не е поврзана на никаков начин со кампањата на Арсовска, напротив, тоа треба да биде прашање кое треба да го водат институциите. ДУИ на ниеден начин не се налепува на тоа што го прави Данела, ние си имаме наш поглед во однос на тоа што се случува во Чаир и тоа ќе го покажеме во текот на кампањата“, вели потпретседателот на ДУИ во настап на „360 степени“ на МРТ 1

ДУИ не може да се амнестира, но навистина луѓето, јавноста и партијата не можат да знаат детали за процедурите што се одвиваат во која било институција – вели Бујар Османи за легализирањето дивоградби во Чаир, што повторно е во фокусот на јавноста откако градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, извесно време објавува наводи за незаконски легализации направени со фалсификувани документи.
Потпретседателот на ДУИ вели дека одговорноста е на оној што потпишува и раководи со институцијата. Како партија, единствено би можеле да бидат прашани зошто не дознале за овие случувања порано, оти имале таква обврска, но и покрај тоа што живее во Чаир, лично не знаел за ваквите појави.
„Ние може да кажеме дали некој објект бил или не бил, и тоа е друго прашање, но каква била процедурата за легализација, тоа може да го знаат само луѓето кои тоа го направиле. Јас не би сакал ова прашање да биде дел од кампањата бидејќи луѓето ќе мислат дека ова е прашање на политичка одмазда. Арсовска го кажа тоа што го кажа, институциите треба да си работат професионално, ДУИ нема да ја злоупотреби таа ситуација“,
рече Османи.
На новинарско прашање дали Данела Арсовска е алтер его на ДУИ во овие активности, Османи вели дека таа била кандидат на партиите што се дел од ВЛЕН и оти ДУИ своевремено дала поддршка за нејзиниот противкандидат на локалните избори.
„ДУИ не е поврзана на никој начин со кампањата на Арсовска, напротив, тоа треба да биде прашање кое институциите треба да го водат. ДУИ на ниеден начин не се налепува на тоа што го прави Данела, ние си имаме наш поглед во однос на тоа што се случува во Чаир и тоа ќе го покажеме во текот на кампањата“,
кажа Османи.
Доколку тој се кандидира и победи на локалните избори, од позиција на градоначалник на Чаир, вели дека неговиот однос кон оваа тема ќе биде дефиниран од институциите кои се одговорни за тоа и оти потоа ќе постапува согласно насоките и одлуките што ќе бидат донесени од нивна страна.