Споменикот прво беше поставен кај Судската палата, додека градоначалник беше Трајановски, а потоа Шилегов го отстрани бидејќи утврди дека бил дивоградба

Споменикот на Андон Лазов-Ќосето синоќа е поставен на кружниот тек кај хотелот „Континентал“ во Скопје.
Актуелната градоначалничка на главниот град на Фејсбук објави дека со поставувањето на спомен-обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев-Ќосето се оддава признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија.
„Андон Лазов-Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“,
наведува Арсовска во објавата.
За враќањето на споменикот на Ќосето утрово со кусо соопштение информира и Град Скопје. Во соопштението се пренесува фејсбук-објавата на Арсовска, без детали каде и кога точно е поставен споменикот.

Споменикот на Андон Лазов-Ќосето претходно беше поставен кај Судската палата во 2014 година, кога скопски градоначалник беше Коце Трајановски.
Потоа Петре Шилегов го отстрани во 2018 година, со образложение дека бил дивоградба.
Шилегов тогаш кажа дека градежниот инспекторат на Општина Центар извршил увид на фактичката состојба и утврдил дека инвеститорот Град Скопје нема решение за поставување на овој споменик. Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје.
Ќосето е еден од петте споменици кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.