Апелирам до сите политичари да се воздржат од какви било коментари во однос на работата на Судскиот совет и на тој начин мешајќи се во надлежностите. Да не се коментираат состојби со одлуки донесени од страна на судовите. Ова значи директно влијание врз работата и во надлежностите на Судски совет, а Министерството за правда или извршната власт како предлагач на законите може час поскоро да реагира ако смета дека тоа не е правилно, изјави претседателката на Судскиот совет
Коментирајќи ја генерално работата на Судскиот совет и актуелните законски решенија, министерот за правда Тупанчески вчера на брифинг со новинарите алудираше дека можеби се потребни промени и во таа насока. Во Судски совет тој смета дека можеби е најдобро да членуваат судии од повисок ранг и дека смета оти не е во ред претседател на Судскиот совет да се избира од членовите кои доаѓаат од редот на оние што се избрани од политичките партии во Собранието
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска не сакаше конкретно да ги коментира ставовите на министерот за правда Никола Тупанчески во врска со изборот на членови на Советот, како и потребата од измени на законот што ја уредува оваа тематика, но порача дека нема да дозволи лични ставови да ја создаваат перцепцијата во јавноста и да го рушат интегритетот на телото со кое претседава и на неговите членови.

„Политичка изјава не би сакала ниту сега ниту кога било да комнентирам. Апелирам до сите политичари да се воздржат од какви било коментари во однос на работата на Судскиот совет мешајќи се во надлежностите. Да не се коментираат состојби со одлуки донесени од страна на судовите. Ова значи директно влијание врз работата и во надлежностите на Судски совет, а Министерство за правда или извршната власт како предлагач на законите може час поскоро да реагира ако смета дека истото не е правилно. Не би сакала лични ставови да ја создаваат перцепцијата во јавноста рушејќи го интегритетот и на институцијата Судски совет и на членовите на Судски совет. Дури јас претседавам со овој Судски совет, тоа нема да го дозволам“,
изјави Дамева одговарајќи на новинарски прашања на паузата од седницата на Советот на која се избираа претседатели на Основни судови.
Коментирајќи ја генерално работата на Судскиот совет и актуелните законски решенија, министерот за правда Тупанчески вчера на брифинг со новинарите алудираше дека можеби се потребни промени и во таа насока. Во Судски совет тој смета дека можеби е најдобро да членуваат судии од повисок ранг, на пример, најмалку од Апелација. Потенцирајќи дека не мисли конкретно на актуелната претседателка или на некој друг, министерот посочи и дека според него не може стручен соработник кој станал член на Советот да оценува работа на Врховен судија. Исто така, смета и дека не е во ред претседател на Судскиот совет да се избира од членовите кои доаѓаат од редот на оние што се избрани од политичките партии во Собранието.
Ваквите законски измени на кои забелешки дава Тупанчески стапија во сила во мај 2020 година. Според нив, предвидено е Судскиот совет да има 15 члена од кои 8 се судии и ги избираат судиите на непосредни избори. Петмина, пак, се избираат во Собранието – тројца директно од пратениците, а другите двајца исто така се гласаат во парламентот, но по предлог на претседателот на државата. Другите двајца членови на Судскиот совет по функција се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие се без право на глас.
На чело на Судскиот совет, според законот од 2020 година, пак, може да биде само член што е избран во Собранието. Така, досега двапати се избираше претседател – прво Павлина Црвенковска, која беше избрана за претседателка во април 2021 година и си поднесе оставка на крајот на ноември годинава, а потоа и нејзината наследничка Весна Дамева, која беше избрана на 5 декември 2022 годинава. Двете пред да станат членови на Судскиот совет беа стручни соработници во Апелација односно во Основниот кривичен суд Скопје.
Инаку, претседателот на Судскиот совет да не се избира од редот на судиите, туку од редот на членовите избрани во Собранието беше препорака на Венецијанската комисија, која беше преточена во Законот од 2020 година.
Венецијанската комисија во своите мислења за Законот за Судски совет од 2015 и 2019 година препорача претседателот на ова тело да се избира со двотретинско мнозинство од редот на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието.
Прифаќањето на мислењата и нивната законска имплементација предизвика реакции кај дел од јавноста и медиумите кои пишуваа дека со ваквиот избор се партизира изборот на претседател на Судскиот совет.
Тогаш на ваквите ставови одговори универзитетската професорка и поранешна министерка за правда Рената Дескоска, која повеќепати потенцираше дека станува збор за препораки на Венецијанската комисија.
„Читам денес на неколку портали се отвора темата околу законското решение за избор на претседател на Судскиот совет. Ова прашање го покренаа и некои лица кои во изминатиов период биле вклучени во градењето на концепт за реформи во правосудството, а не го прочитале мислењето на Венецијанската комисија за Законот за Судски совет од 2015 и од 2019 година. Имено во двете мислења, Венецијанската комисија препорачува претседателот на Судскиот совет да се избира од членовите на Судскиот совет кои не се избираат од редот на судиите. Оваа препорака ја аргументираат со тоа дека мнозинството членови на Судскиот совет се избираат од судиите од нивните редови. Со цел да се направи баланс, кој би спречил ‘корпоративизам’ во Судскиот совет, се препорача законското решение кое беше усвоено со широк консензус од политичките партии во Собранието“,
гласеше една од реакциите на Дескоска објавена на Фејсбук.