Кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Општина Центар даде интервју за „360 степени“ на МРТ 1 во пресрет на вториот круг од локалните избори в недела

Кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ, е уверен дека ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ за вториот круг од локалните избори. Во интервју за „360 степени“ на МРТ1 тој вели дека се почитува коалицискиот договор, наспроти гласините дека ВМРО-ДПМНЕ не стои целосно зад неговата кандидатура.
Лабудовиќ беше прашан дали присуството на заеднички настан изминатиот викенд со челници на ВМРО-ДПМНЕ беше токму со цел да се демантираат тие тврдења.
Лабудовиќ: Ние имаме коалиционен договор. Како што ВМРО-ДПМНЕ нè поддржува во Центар и во Куманово, така Движење ЗНАМ го поддржува ВМРО-ДПМНЕ каде што имаат свои кандидати за градоначалници во цела Македонија. Тоа е политичка агенда, кампања, каде што треба да се дружиме.
„360 степени“: Вие чувствувате ли задршка некаква од страна на ВМРО-ДПМНЕ?
Лабудовиќ: Апсолутно не, апсолутно не. Во првиот круг нормално беше бидејќи немаше фокус по општини, туку кампањата беше на цела Македонија. Сега во вториот круг неколку општини се останати кандидати на нашата коалиција заедничка и нормално фокусот е да биде таму и да биде попроактивно дружењето и движењето во кампањата.
Во однос на тоа колку поддршката од ВЛЕН му помага или одмага со оглед на имиџот на Изет Меџити како човек што раководел со општина со многу дивоградби и проблематични легализации, Лабудовиќ вели дека граѓаните му ја даваат довербата.

„Движење ЗНАМ е и коректив во Владата, меѓутоа кога ќе дојдете да настапувате со поддршка, си ја давате безрезервно поддршката таму каде што треба да се даде и каде што може да се даде. Доколку Изет Меџити правел некои непопуларни работи, досега ќе бил санкциониран. Ние го оставаме тоа на разговор. Претходниот градоначалник не е веќе кандидат, ако се огрешил пред лицето на правдата, треба да излезе и институциите да се погрижат за тоа. Дополнително, Изет Меџити победи во Чаир и тоа сериозно победи, го победи Бујар Османи. Така што, доколку јавноста смета дека Изет Меџити не е добриот кандидат за градоначалник, дека Изет Меџити наштетил на Општината Чаир, немале да го изберат. Јас не гласам во Чаир, јас гласам во Центар и ќе гласам и во Центар и за Град Скопје. Не во Чаир. Луѓето што живеат во Чаир, граѓаните, одбрале Изет Меџити повторно да ја води општината“,
додава Лабудовиќ.
За обезбедување мнозинство во Советот на Општина Центар, во кој ниедна политичка структура не стигна до најмалку 12 мандати од вкупно 23, Лабудовиќ вели дека ќе разговара со сите партии и дека остава можност да ги прифати проектите кои се слични или се совпаѓаат со неговата програма.
„Мојата природа е следна: никогаш не ги оставам работите сами по себе да се решат. Ќе ги спроведеме сите оние програмски определби што ги имаат сите политички партии и независни, ‘Шанса за Центар’. Ќе ги ставиме на маса. Тоа што ни се поклопува, тоа ќе го реализираме веднаш. Бидејќи тоа ни е заедничкиот дел од програмите. Бидејќи доста ни се веќе партиски поделби. Ние со партиските поделби видовме што ни се случува изминатиот период во градот Скопје. Нефункционален систем. Наместо да се седне и да се разговара со чиста мисла, со добри идеи во интерес на граѓаните, бидејќи само тоа е начинот за една институција да може да функционира“,
вели Лабудовиќ.
