Партијата го оцени корупцискиот скандал како директна закана ИПАРД-програмата да биде суспендирана од ЕУ, додавајќи дека ако оваа состојба продолжи ќе се блокираат милиони евра кои треба да завршат кај земјоделците
Опозицискиот СДСМ прашува дали министерот за земјоделство Цветан Трипуновски е вмешан во скандалот и дали ќе поднесе оставка од функцијата по приведувањето на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, Илија Стоилев, кој е осомничен за примање поткуп.

„Илија Стоилев, кадар на ДПМНЕ и човек поставен од министерот Цветан Трипуновски, е фатен во скандал со мито. Ова е уште една потврда дека корупцијата во земјоделството цвета, дека била платежната агенција била дувло на злоупотреби на парите за земјоделците од ИПАРД-програмите. Прашањето е дали и министерот Трипуновски е замешан во оваа корупциска шема? Ќе поднесе ли оставка или ќе гледаме уште една фарса без одговорност?“,
изјави на прес-конференција Александар Димитриевски од комисијата за земјоделство на СДСМ.
Партијата го оцени корупцискиот скандал како директна закана ИПАРД-програмата да биде суспендирана од ЕУ, додавајќи дека ако оваа состојба продолжи ќе се блокираат милиони евра кои треба да завршат кај земјоделците.
„Затоа мора да им целосна одговорност од прв до последен. Повеќе од една и пол година низ земјоделските кругови се зборува дека се бараат провизии, се задржуваат предмети во фиоки, дека се вршат притисоци врз службеници кои одбиваат да бидат дел од тој механизам. Сега тоа доби и конкретна потврда, директорот од ДПМНЕ е фатен со рацете во криминал“,
додаде Димитриевски.
Петмина осомничени за поткуп се приведени во вчерашната акција на ОЈО ГОКК и МВР во која се вршеа претреси на повеќе локации низ државата.
МВР и Обвинителството денеска излегоа со детали за вчерашната акција, во која, е приведен и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, како и управител на правно лице што не ги исполнувало условите за користење на финансиски средства од ИПАРД-програмата, како и три други лица, вработени во УЈП и МЗШВ, кои биле посредници при давањето поткуп.
