Шанса за центар денеска реагираше преку прес-конференција барајќи општинските власти да одговорат дали е продадено државното земјиште кај „Треска“, кога конечно ќе бидат обелоденети решенијата за уредување на овој простор и зошто не се менуваат законите и уредните кои овозможуваат сопственици да си дооформуваат парцели доколку поседуваат само 30 отсто од земјиштето
Локалната власт, пак, тврди дека не е продадено земјиште. Како што велат оттаму, стигнати се шест предмети за дооформување на градежни парцели и 20 барања за откуп на земјиште под објектите кај „Треска“, но на ниту едно досега Општината не одговорила. Во однос на законските промени, пак, порачуваат дека како локална власт немаат моќ да ги сменат законите
Дали земјиштето кај поранешната фабрика „Треска“ ќе стане новиот „Холидеј ин“, прашуваат од Шанса за Центар реагирајќи дека немаат одговори што се случува со државното земјиште во тој дел на Општина Центар односно дали е продадено за да се дооформат парцелите на инвеститорите кои сакаат да градат таму или не.
„Добивме одредени неофицијални информации дека во следните месеци ќе се случи решавање и спроведување на спорниот план за Буњаковец кој го опфаќа и подрачјето на фабриката ’Треска‘ на начин што ќе ги обезбеди интересите на поединци и инвеститори, но нема да се заштити јавниот интерес“,
велат од Шанса за Центар.
Од иницијативата велат дека повеќе месеци бараат податоци за состојбата на државното земјиште на овој потег односно дали е продадено ли не, но немаат информации.
„Дали се дооформуваат парцели или не по стариот план, не почитувајќи ги конкурсните решенија. Да потсетиме – повеќе од 47 отсто од земјиштето е државно и не смее да се случи тајна продажба и дооформување на парцели по закони кои не го штитат јавниот интерес ниту граѓаните. Промените на законот за урбанистичко планирање не влијаеа на промена на планирањето во интерес на заедницата, ниту успеаја да ги разбудат институциите за запирање на штетните планови од 2012“,
велат од Шанса за Центар.
Покрај за состојбата, оттаму прашуваат и зошто не се објавени резултати од конкурсот за идејните решенија за уредување на овој простор бидејќи, како што велат, чекаат повеќе од половина година да ги видат понудените и наградените решенија, а го обвинуваат градоначалникот Горан Герасимовски дека одбива соработка со партиципативното тело за урбанизам кое бара одржување на ветената изложба со овие решенија.
Третиот главен проблем околу кој реагираат од Шанса за центар е тоа што не се менуваат законите и уредбите кои овозможуваат сопственици кои имаат 30 отсто од земјиштето, да може да си ја дооформат парцелата.
„Јавно прашуваме зошто после 5 години законите и уредбите за дооформување парцели во сооднос имаш 30 отсто си докупуваш 70 отсто сè уште не се променети, или се распродава имот во Центар во четири очи за багателни цени. Зошто системот за продажба на државно земјиште нема никаква транспарентност за јавноста? Зошто легализацијата се дозволува и се спроведува полесно отколку справувањето со дивоградбите, а за тоа никој не одговара?“,
прашуваат од Шанса за Центар.
По јавните реакции од Шанса за Центар, се огласија и општинските власти кои демантираат дека е продадено земјиште во четири очи. Ниту има продадени земјиште надвор од законските прописи, ниту такво нешто ќе се случи, велат од Општината. Оттаму велат дека стигнати се барања за дооформување на парцени, но и за откуп на земјиште под објектите што се наоѓаат на потегот, меѓутоа тврдат дека на ниту едно не е одговорено.
„До општината стигнати се 6 предмети за дооформување градежна парцела и 20 предмети за откуп на земјиште под објект и по овие постапки општината сè уште нема одговорено. Што се однесува на законските регулативи и зошто уредбите за дооформување парцели не се променети цели 5 години, Шанса за Центар треба да знае дека општината воопшто нема надлежност ниту каква било можност да изврши било какви промени. Оттука, ја повикуваме Шанса за Центар да не манипулира со јавноста дека ингеренциите по ова прашање се во рамки на локалната самоуправа“,
велат од Општина Центар.
Во врска со решенијата за уредување, пак, велат дека просторот кај „Треска“ ќе се уредува заедно со ДУП-от за Буњаковац 1 и 2, а не како посебна целина.
„Општина Центар исто така порачува, Шанса за Центар да не ја манипулираат јавноста дека градоначалникот Горан Герасимовски одбива соработка со Партиципативното тело за урбанизам, затоа што тој неколкупати досега лично иницираше средби со Комисијата за урбанизам, како и со архитекти и сопственици со цел да се слушнат сите засегнати страни“,
реагираат од Општината.
За тврдењата дека 47 отсто од земјиштето е државно, локалните власти исто така демантираат и велат дека информациите се неточни бидејќи всушност станува збор за вкупно земјиште од околу 15 отсто кое треба да се дооформи, додека останатиот дел се јавни површни како пешачки патеки, улици и тротоари кои воопшто не се предмет на дооформување.
„Како општина уште еднаш повторуваме дека бараме начин како јавниот интерес да биде целосно заштитен, меѓутоа не можеме да бидеме над законот. Се работи за приватни имоти кои ние како општина законски не смееме да ги сопреме. Бараме решение во интерес на граѓаните, но кое во исто време ќе биде безболно и за општината, бидејќи Општина Центар не може да трпи милионски штети на грбот на граѓаните“,
велат од локалната власт.