Кога станува збор за САД и Велика Британија – рускиот гас има пет отсто удел во Британија, додека САД воопшто не го увезуваат
Зголемувањето на цените на енергијата предизвикано од руската војна во Украина ќе доведе до ефекти споредливи со нафтениот шок од 1973 година, предупреди денеска францускиот министер за економија Бруно Ле Мер.
Сегашната енергетска криза е „споредлива по интензитет, по бруталност, со нафтениот шок од 1973 година“, нагласи Ле Мер на конференција во Париз.
„Во 1973 година, како што знаете, одговорот предизвика инфлациски шок, што ги доведе централните банки масовно да ги зголемат своите стапки што, пак, го уништи растот. Ова има име: стагфлација, и тоа е токму она што сакаме да го избегнеме во 2022 година“.
истакна Ле Мер.
Првиот нафтен шок во раните 1970-ти беше предизвикан од Јомкипурската војна, кога египетските и сириските сили започнаа офанзива против Израел.
Шест арапски членки на нафтениот картел на ОПЕК прогласија ембарго на извозот во земјите кои го поддржуваат Израел, особено САД. Тие ја зголемија цената на нафтата за четирипати на 11,65 долари за барел, предизвикувајќи рецесија во западните земји и голема инфлација.
Европската големопродажба на гас и сурова нафта се зголеми до рекордни или речиси рекордни цени оваа недела поради стравувањата за снабдување поврзани со руската инвазија на Украина на 24 февруари.
САД и Велика Британија вчера објавија дека го прекинуваат увозот на руската енергија како одговор на војната, што предизвика нов пораст на цените. Цената на нафтата од типот „брент“, меѓународниот репер, утрово се зголеми на речиси 130 долари за барел.
Колку зависат САД од руската нафта?
Русија е третиот најголем произведувач на нафта во светот, зад САД и Саудиска Арабија. Русија извезува околу пет милиони барели сурова нафта дневно, околу половина од оваа количина оди во Европа. САД не зависат многу од руската нафта – од вкупната количина нафта увезена во Америка во 2020 година, уделот на руската нафта е само три отсто, пишува Би-би-си.
Што ако Европа остане без руски гас?
Цените на греењето, кои се веќе прилично високи, дополнително би пораснале. Рускиот гас сочинува околу 40 отсто од целиот европски извоз на гас. На ова посебно се изложени Германија и Италија, кои најмногу зависат од рускиот гас.
Европа би можела да го надомести рускиот гас со тоа што ќе го увезува во поголеми количини од Катар, Алжир или Нигерија, но постојат технички пречки кои би требало да се решат за во тие земји во краток рок да се зголеми производството, анализира Би-би-си.
Кога станува збор за САД и Велика Британија – рускиот гас има пет отсто удел во Британија, додека САД воопшто не го увезуваат.
Меѓутоа, цените на гасот во двете земји драстично пораснаа како последица на глобалните тешкотии на ова поле.