Веднаш по формирањето на СЈО во 2015-тата година, власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ донесе законски измени со кои судиите и обвинителите во редовното обвинителство добија драматично повисоки додатоци на платите. Но, беа заборавени судските службеници, кои поради тоа организираа предупредувачки штрајк.
По половина година игнорирање на нивните барања, во мај 2016-та, Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација почнаа штрајк во сите судови.
Наместо третина плус на платата, околу 2.000 судски службеници добија 40 отсто минус за време на штрајкот. Дали судовите се пред нова блокада, откако новата власт вети, но не им ги врати задржаните пари на судските административци?
Пецо Грујовски е прв човек на Синдикатот на УПОЗ. На крајот од месецот го чека седница со претседателите на синдикалните организации во судовите. А едно од главните прашања што ќе се отворат на тој состанок е дали судската служба повторно ќе излезе на штрајк. Причината за незадоволството е тоа што не можат да си ги вратат парите одземени при штрајкот пред две и пол години и покрај потврдата дека тоа било сторено незаконски.
– За тоа ја известивме Трудовата инспекција и побаравме помош. Трудовата инспекција констатира тоа што и ние го кажавме. Плата може да му се одземе или намали на вработен само со правосилна судска пресуда или со правосилно решение. Во случајот со поединечно решение. Тоа вработените не го добија. Народниот правобранител кој беше известен истото го констатира дека е направена грешка и дека на овој начин е незаконски да им се одземат парите – вели Грујовски.
Според Грујовски и новата влада се согласила дека платите им биле противзаконски скратени, но решение нема.
– Дециден беше премиерот и рече добро би било да се вратат парите, бидејќи незаконски им се одземени, но да се најде правна рамка и правен механизам, што е сосема во ред. Ве молам, поминаа 8 месеци се уште не може власта да најде правна рамка, што за нас е неразбирливо. Постои искра надеж дека ќе го решиме прашањето, но, доколку не го решиме на состанокот со синдикалните организации во судовите ќе се одлучиме за следните постапки, дали тоа ќе биде протест, блокади на улиците или штрајк доаѓа во предвид, иако за време на штрајк повторно луѓето ќе бидат казнувани. Значи, да најдеме форми овојпат штрајкувачите да не бидат оштетени, а да го искажеме нашиот револт, дециден е првиот човек на УПОЗ.
Синдикалците се сомневаат дека одложувањето на решението на нивниот проблем го кочат судските, а не политичките авторитети. Бидејќи ако им бидат вратени парите, тоа ќе значи признание дека тогашните раководители на Судскиот совет и на секој суд одделно се огрешиле пред законот.
Дека зад нивната судбина се одвиваат и се одвивале поинакви игри потврда им се променливите ставови на судската власт. На пример, Зоран Караџовски кој како претседател на Судскиот буџетски совет го потпишал барањето за кратење на платите, минатата недела во Собранието “сочувствуваше“ со административците. Тој не ги спомена скратените 40 отсто за време на штрајкот, но призна дека барањата им биле оправдани.
– Најдолгиот стап го изеде судството односно судиите и судската служба. Така што од тогаш наваму, од 2016-та година до денес и редовното јавно обвинителство и службениците вои јавните обвинителства имаат надоместоци кои отскокнуваат од примањата на вработените во судската власт, од судиите и судските службеници и во име на Судскиот совет јас истакнувам дека тоа е една невозможна ситуација и дека тоа најитно треба да се отстрани во интерес на нормално функционирање на судовите во Р.М. – рече Караџовски на собраниската седница пред една недела.
Токму следните месеци ќе бидат клучни, дали засега притаеното незадоволство во судската служба ќе се изгаси или повторно ќе ескалира. Не се во прашање само парите скратени за време на штрајкот, туку и неисполнетите ветувања за трајно решение, преку законски измени. Како дел од правосудните реформи, и овој процес е под лупа на Брисел.
– Во Национлната страегија за реформи во правосудски реформи, предвидено е измена на Законот за судска служба, и Здружението за судска слубжа е вметнато за измените. Во разговорите кои ги водиме конечно со министерката за правда, интензивно, мислам дека имаме прилично точки во кои би можеле да се надеваме дека ќе се најдеме и дека ќе придонесеме за квалитетен поевропски закон. Ние во ситуација кога би дошло да се изработува тој Закон за судска служба што е предвиден до април месец дека треба да се донесе, ние би учевствувале на тие работни групи и во тие наши предлози ќе имаме координација со УПОЗ. Има многу работи кои треба да се менуваат за да добиеме една поквалитетна судска служба, вели Мирчевски.
360 степени не доби одговори ниту од Судскиот совет ниту од Министерството за правда за тоа – како ќе им бидат вратени парите на судските административци и до каде е правната рамка за решавање на овој проблем. Јавно е познато само дека министерката Десковска пред десетина дена започна разговори со синдикалните организации за колективен договор за вработените во администрацијата и судските органи. Но, не се откриваат информации дали и кои барања на синдикалците Правда е подготвена да ги прифати.
Напишете коментар