Можам одговорно да тврдам дека отидовме до крај – вели поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, на прашањето дали отишле до крај во истражувањето на сите инволвирани и сите околности во предметот „Рекет“

Сите што требаше да одговараат за предметот „Рекет“ – одговараа, вели Вилма Русковска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 на прашањето дали ОЈО ГОКК отиде до крај во откривањето на околностите и инволвираните во овој случај. Таа додава дека сите телефони и сите снимки поднесени од пријавителот биле вештачени и дека оние кои биле опфатени во предметот, ги добиле казните.
„Исто така, јас не одлучував сама за предметот, туку заедно со Љубомир Јовевски и неговиот прв заменик Лиле Спасовска. Така што, ние дојдовме заеднички дека тој (Орце Камчев, н.з.) го пријавил кривичното дело и, ако го пријавиш, може и да не бидеш гонет. Пред да се открие кривичното дело“,
рече Русковска.

Во однос на тоа што Камчев, кој беше главен сведок во „Рекет“, во меѓувреме, заврши на американската црна листа со образложение дека “ги користел своето коруптивно влијание и богатство за да го манипулира судскиот систем во Северна Македонија“, па се спомнува случајот „Рекет“, по кој, се вели, се случи колапс на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Русковска вели дека такво нешто немало и дека заедно со Јовевски донеле одлука тој да биде сведок, а не гонет.
„Одлуките на која било институција, меѓу кои и меѓународните, никогаш не ги коментирам, и како што веќе реков, предметот беше разгледуван многу внимателно и тоа беше и заедничка одлука и за правните квалификации. Не се сложувам дека за овој предмет сме биле изманипулирани бидејки ние пред судот презентиравме докази“,
кажа Русковска.